Телефонски контакти на Ѓоко Ристов и 350.000 евра пронајдени во семејната куќа
Телефонски податоци од уред активиран во 2025 открија комуникации со низа обвинети; финансиски вештак рече дека пријавените приходи не ја објаснуваат сумата.

По екстракцијата на податоци од телефонскиот уред користен во 2023, а повторно активиран во 2025 година, истражителите од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција утврдија дека на мобилниот телефон на апелациониот судија Ѓоко Ристов се најдоа броеви — а на некои и комуникации — со низа обвинети и притворени лица: Исмет Гури, лице запишано како Цандо (пријател на обвинетиот Љупчо Пецов-Ѓаволот), гинекологот Марјан Стојоски, Антонио Визија, Антонио Георгиев Визија Т, контакт на мрежата Сигнал со лице Боки (со Бојан Јовановски), како и колегата апелационен судија Енвер Беџети „нов“, кој, според обвинувањата, чувал предмети во фиоки со месеци и години.
Во телефонскиот именик беа забележани и Ана Камчева (чиј тогашен сопруг Орце Камчев беше притворен, обвинет и по потврдена пресуда осуден), „Асмир на Пуцко“, Азманов Зоран, „Бабе Исмаил“ (Исмаил Јахоски), Цандо (Александар Вељановски, пријател на Љупчо Пецов-Ѓаволот, со два броја), потоа „Фатмир на Фени“, и „ФС“ (сега осудениот Фехми Стафа, кој сведочеше дека мито од 50.000 евра било за Ѓоко Ристов). На списокот се појавуваат и имиња како Љупчо Пецов-Ѓаволот, Фросина Ремњнски, Гури УЈП, Пуцко и Вице Заев.
Пронајдените пари и финансиската анализа пред судот
На денешното продолжение од судењето против Ристов — кој се гони поради 350.000 евра пронајдени во семејната куќа во Неготино, во дупка зад плочките во кујната над катот на родителите — обвинителката прочита и делови од комуникациите извлечени од телефонот. Во една порака Ристов упатил прашање до колегата Енвер Беџети: "Друже како ти стои сега со ова што го имате КСЗ, ме прашува една колешка, брат и’ бил?"
Други пораки споменуваат „предмет кај колешката Букурие“ и притискаат на рокови: „битно ни е да биде до тогаш и тогаш, зашто имаме предмет за Маја што го вратила“. Обвинителката прочита и прашање упатено до Ристов од непознато лице: "И вториот предмет им помина. Што е работава, нели беше средено?"
Обвинителката Искра Хаџивасилева повика за сведочење вештакот Звонко Кочовски. Тој рече дека направил увид во годишните даночни пријави на обвинетиот апелационен судија Ѓоко Ристов и на неговата сопруга Симона Ристова за периодот 2016–2024, односно до последната достапна документација. На судот кажа дека пријавените приходи не ги оправдуваат 350.000 евра кои беа пронајдени.
Кочовски наведе дека во 2016 вкупните примања биле 723.000 денари (односно месечни околу 60.000 денари), во 2019 месечните биле околу 75.000 денари, а во 2024 месечните примања на Ристов биле меѓу 115.000 и 120.000 денари. За Симона Ристова рече дека нејзините месечни примања биле околу 17.000 денари во 2016, пораснати на 60.000, а во 2024 околу 90.000 денари. Други значајни примања не се евидентирани, освен помал прилив од околу 86.000 денари од Академијата за судии и обвинители.
Во вкрстено испрашување, адвокатот Звонко Давидовиќ побара да се прочитаат салдата од пет банки и посочи дека ако се саберат сите суми, тоа изнесува 25 милиони денари за Ристов и 11 милиони за Симона: "Ќе се согласите ли со мене дека ако ги собереме сите суми, ова е 25 милиони денари? На Симона се 11 милиони. Дали вкупно тоа се 37 милиони денари или во превод 600.000 евра?" Вештакот одговори потврдно. Тој потврди и дека кај мајката Донка Ристова е утврдено поседување од 975.000 евра.
Кочовски објасни дека ги анализирал документите доставени од Обвинителството и дека нема податоци по 2024 година зашто таква документација не била достапна. На прашањето од одбраната, тој рече дека не може да утврди од каде потекнуваат сите средства на судијата и на членовите на семејството. Адвокатот Давидовиќ изјави дека, според одбраната, само 570.000 евра не се објаснети и најави дека нивниот вештак ќе ја прикаже нивната состојба на наредните рочишта.
Фото: СДК.МК)


