Телевизија 24 поднесе кривична пријава против директорот на АВМУ Зоран Трајчевски
Кривичната пријава ги обвинува директорот на ААВМУ за дозволување правни субјекти да изведуваат надлежности на регулаторот и бара проверка на исплатите кон маркетинг агенција.

Телевизија 24 поднесе кривична пријава против Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), со барање за истрага за низа наводни незаконски постапки кои се влечат повеќе години и со предлог да се испитаат и други дела кои се гонат по службена должност, вклучително и злосторничко здружување.
Во пријавата се наведуваат сомневања за сторено продолжено кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, како и спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата. Правниот тим на телевизијата побара од истражните органи да проверат и други можна поврзани казнени дела.
Во текстот од пријавата стои: "Постои основано сомнение дека во подолг временски период, особено во периодот 2018–2026 година, пријавениот Зоран Трајчевски, во својство на директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, заедно со други засега непознати службени и одговорни лица во ААВМУ, преку низа временски и функционално поврзани службени дејствија, одлуки и јавни набавки, ги користел овластувањата на независниот регулатор на начин што дозволил надлежностите на регулаторното тело ААВМУ утврдени во Законот за ААВМУ да ги извршуваат надворешни приватни правни лица - трговски друштва."
Судиите, студиите и одбиената можност за национален мултиплекс
Во пријавата се повикува на одлуките на Управниот суд и Вишиот управен суд, кои оцениле дека одредени студии се несоодветни бидејќи ги подготвувало правно лице регистрирано како маркетинг агенција, а не како правно лице формирано за истражување на пазарот и јавното мислење. Од Телевизија 24 тврдат дека ААВМУ не ги почитувала овие судски одлуки и дека поради тоа телевизијата претрпела штета: не ѝ е дозволено да премине на емитување програма на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс, со што дел од гледачите во земјата останале без пристап до програмата на ТВ 24.
Адвокатот Љупчо Докузов изјави: "Имајќи предвид дека член 70 од Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги изречно предвидува дека агенцијата ќе изработи студии за оправданоста објавување на јавен конкурс, правниот тим на Телевизија 24 Вести поднесе кривична пријава бидејќи во изминатите години, Агенцијата нарачуваше студии од надворешни приватни компании врз основа кои понатаму барањата на Телевизија 24 Вести, за да се префрли да емитува програма преку дигитален терестријален мултиплекс беа одбивани. Сметаме дека постои основано сомневање за сторени серија на кривични дела од страна на одговорните лица во Агенцијата со оглед дека од сметката на Агенцијата се исплаќани суми кои шро се мерат во милиони денари, на овие надворешни компании за кои во законот не постои основ. Сметаме дека Јавното обвинителство и надлежните судови ќе дадат одеговор на прашањето: доколку законот не бил променет, како е можно агенцијата да нарачувала студии во минатото а денес да ги изработува сама."
Кривичната пријава посебно ја нагласува важноста на член 70 од Законот, од каде што правниот тим изведува дека законодавецот не предвидел агенцијата да набавува или нарачува студии од трета страна, туку дека агенцијата сама треба да изработи студија кога постојат слободни радиофреквенции или капацитети за да утврди оправданоста за објавување јавен конкурс. Спротивно на тоа, документацијата за јавните набавки покажува дека Агенцијата во повеќе наврати ѝ ја доверувала изработката на студијата на надворешната компанија МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ Скопје.
Според пријавата, официјалните податоци за уплатите од 2018 до 2023 година се следниве:
- 2018 — МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ: 353.410 ден.
- 2020 — МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ: 413.000 ден.
- 2022 — МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ: 595.900 ден.
- 2023 — МАРКЕТ ВИСИОН ДООЕЛ: 702.100 ден.
Вкупните суми се наведени како: 1.749.500 ден. и 2.064.410 ден.
Во пријавата стои и дека: "Подносителот смета дека постојат основи на сомнение дека со плаќањето на приватни правни лица за извршување активности што претставуваат суштински дел од законската надлежност на независниот регулатор, на ААВМУ ѝ е причинета имотна штета, а на приватниот субјект кој ги изготвувал му е овозможена имотна корист, а од овие дејствија трпат штета и заинтересираните лица. Точната висина на штетата треба да ја утврди Јавното обвинителство, со прибавување на фактурите, налозите за плаќање, банкарските изводи, книговодствените картички и известувањата за реализирани договори како од областа на телевизиите, така и од областа на доделување на радио фреквенции."
Правниот тим на ТВ 24 додава дека последната студија од 2026 година, која е потпишана од директорот и во која се наведува дека е изработена од ААВМУ, ја потврдува голем дел од содржината на пријавата и ја отвора потребата за темелна финансиска проверка на договорите и книговодствените записи на Агенцијата.
Фото: прес-материјал од настанот


