Тело на 20-годишно момче пронајдено во замрзнувач пред семејна куќа во Утрехт
Полицијата не пронајде надворешни траги на насилство; градоначалничката најави проверка на социјалните служби.

Телото на 20-годишно момче беше пронајдено во замрзнувач оставен на тротоарот пред семејната куќа во Утрехт. Го открил случаен минувач околу 13:20 часот, а полицијата со часови вршеше увид на местото за да утврди како телото завршило во апаратот.
Жителите од населбата изјавиле за локалните медиуми дека замрзнувачот стоел на истото место околу две недели и бил делумно прекриен со вегетација. Уредот бил оставен на тротоарот непосредно пред куќата на семејството.
Починатото момче било член на сириско семејство кое живее во куќата. Неговиот татко раскажа дека син му пристигнал во Холандија на 15-годишна возраст, неколку години пред останатите членови, по што наскоро се нашол во лошо друштво и имал проблеми со дрога што предизвикувале чести конфликти во семејството.
Таткото вели дека социјалните служби му советувале да не го пушта синот во домот
Според таткото, кога останатите членови на семејството пристигнале четири години подоцна, заедничкиот живот веќе не бил возможен. Тој тврди дека локалната социјална служба му советувала да не го пушта синот во семејниот дом, предупредувајќи дека во спротивно може да му ги одземат и другите деца.
„Бев меѓу две огнови. Ако го пуштам внатре, ќе ми ги одземат децата. Но, ако го оставам надвор, може да прави што сака“, изјави таткото и додаде дека последниот пат кога синот му тропнал на вратата бил во неделата.
„Ми рече: ‘Тато, студено ми е, пушти ме внатре.’ Тие зборови никогаш нема да ги заборавам“, рече тој.
Од социјалната служба потврдија дека им дале помош на семејството, но не сакаа да одговорат конкретно дали навистина му било советувано на таткото да не го прима синот. Полицијата соопшти дека засега не најде надворешни траги на насилство на телото, а градоначалничката на Утрехт, Шарон Дајксма, изјави дека првичните информации упатуваат дека смртта најверојатно не е резултат на кривично дело. Се очекуваат дополнителни испитувања, а градоначалничката најави и проверка на постапувањето на социјалните служби.
Фото: Социјални мрежи


