Тесна трка меѓу фаворитите за претседател во Бугарија и слаб одзив на гласачи
По првиот изборен круг, Јотова и независниот кандидат Ѓуров се очекува да одат во втор круг додека излезноста останува ниска.

Во тесна трка по првиот круг од претседателските избори во Бугарија, актуелната претседателка Илијана Јотова и независниот кандидат поддржан од опозицијата Андреј Ѓуров се сметаат за најголеми фаворити да влезат во решавачкиот втор круг. Интересот за гласање беше слаб — анкетите предвидуваат дека ќе гласаат помалку од 40 отсто од избирачите.
Скромен одзив го обликува исходот
На неколку гласачки места, избирачите го изразуваа разочарувањето од политиката, но и надежта за промени. „Гласав за вистински промени, за луѓе кои се активни и работат – помалку зборуваат, а повеќе прават. Верувам дека на овој начин работите ќе бидат подобри. Се надевам дека повеќе луѓе ќе излезат и ќе гласаат’ – вели Марија Колева – гласач.
„Се надевам дека ќе има втор круг и дека нема да дојде до концентрација на власта, односно дека сета власт нема да биде концентрирана во рацете на еден човек. Претседателската институција мора да биде независна од владата.“, рече Антон Атанасов – гласач.
Анкетите му даваат предност на актуелниот шеф на државата, Илијана Јотова, која според извештаите ја има поддршката на партијата Прогресивна Бугарија на премиерот Румен Радев. Јотова во кампањата посочи нови надворешнополитички ориентации на Софија: „И ако има нешто што ме израдувало во последните месеци, тоа е што гледам како Бугарија конечно води силна надворешна политика, стекнува повеќе сојузници и прави нејзиниот глас да се слуша појасно во рамките на Европската Унија“ – Илијана Јотова, актуелен претседател и претседателски кандидат.
Според социологот Добромир Живков, извршен директор на „МаркетЛинкс“, главните фаворити нудат различни визии за надворешната политика. „ Тие повикуваат на прекин на помошта за Украина и на запирање на испораките на оружје. Исто така, од нив често слушаме реторика што се совпаѓа со ставот на Кремљ, вклучително и терминологија преземена директно од руската пропаганда. Во таа смисла проевропските кандидати Ѓуров и Кандев се наоѓаат во позиција да ги претставуваат оние бугарски граѓани кои поддржуваат поблиска интеграција во ЕУ и, се разбира, посилна улога на Бугарија како сојузник во НАТО.“
Во предизборната дебата доминираше руската војна во Украина и смртоносните напади со беспилотни летала врз трговски бродови во Црното Море — на непосредна близина на Бугарија — како и загриженоста поради наглиот пораст на цените на енергенсите и високата инфлација, поради што многу Бугари во руралните средини се соочуваат со тешкотии да врзат крај со крај.
Иако претседателската функција во Бугарија е во голема мера церемонијална, шефот на државата располага со формални овластувања како командување со вооружените сили и право на вето на законите, што го прави исходот од евентуалниот втор круг практично значаен.
Фото: прес-материјал од настанот


