Тежок пожар во општина Градско, пренасочени ер-тракторите
Пожарот избувна околу 11 часот меѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево; ангажирани беа ер-трактори, полициски хеликоптер и локално население.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов информира дека денеска избил тежок пожар во општина Градско и дека за гасење биле пренасочени и ер-тракторите.
Пожарот се проширил брзо меѓу селата, локалното население помогнало со трактори
„Пред околу 11 часот изби тежок пожар на територијата на општина Градско, во атарот помеѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево. Пожарот најверојатно е започнат од стрниште, но поради високата и сува трева и ветерот којшто овде дува, се раширил со голема брзина загрозувајќи ги двете села. Ми се јави итно градоначалникот на општина Градско, бараше итна помош“, рече Ангелов.
Најпрво биле испратени противпожарни екипи од Велес, Неготино и Кавадарци, но тие не биле доволни за да се сопре огнената стихија која се движела со голема брзина. Поради тоа Ангелов ги пренасочил ер-тракторите кои од рано утрово дејствувале на големиот пожар на планината Китка.
„Ги пренасочив овде, помогнаа за почетно фаќање контрола врз овој пожар, а веднаш потоа продолжи со дејство и полицискиот хеликоптер. Голема благодарност и до локалното население коешто со трактори излезе да заора, да направи противпожарни пресеки и со тоа да го пресече овој пожар. Се надевам дека набргу истиот ќе биде целосно изгаснат,“ истакна Ангелов во видео изјава.
Одговорните служби посочија дека комбинираната акција — противпожарни екипи на терен, воздушна поддршка и помошта од локалните земјоделци — е клучна за спречување на ширење кон населените места и околното земјоделско земјиште.
Фото: прес-материјал од настанот