ТФТ: Бесплатен влез за учениците од Карпош за целата домашна сезона
Клубот од Тафталиџе ќе дозволи бесплатно присуство за сите основци од Општина Карпош на домашните натпревари до крајот на сезоната, соопшти ТФТ.

Кошаркарскиот клуб ТФТ од скопската населба Тафталиџе соопшти на 08.10.2026 дека ќе им овозможи бесплатен влез на сите ученици од основните училишта на територијата на Општина Карпош за сите преостанати домашни натпревари во домашното првенство.
Натпреварите во Т‑Arena ќе бидат отворени за најмладите
Средбите на КК ТФТ се играат во спортската сала Т‑Arena, во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, што клубот го посочува како поволна локација преку која учениците од сите основни школи во Општина Карпош лесно ќе можат да присуствуваат и да бидат дел од спортските случувања во својата општина.
„Како клуб кој во изминатиот период активно соработува со Општина Карпош и ја препознава важноста на заедничкото делување во интерес на спортот и младите, овозможивме бесплатен влез на сите натпревари на КК ТФТ до крајот на сезоната за сите ученици од основните училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпош.
Натпреварите на КК ТФТ се одржуваат во спортската сала Т-Аrena, во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, што дополнително овозможува учениците од сите основни училишта на територијата на Општина Карпош лесно да присуствуваат и директно да бидат дел од спортските случувања во својата општина.
Нашата идеја е преку оваа иницијатива да им овозможиме на децата бесплатно да присуствуваат на натпреварите, да го почувствуваат спортскиот дух и атмосферата во салата и, можеби најважно, да ги запознаат вредностите кои спортот ги носи – тимска работа, дисциплина, почит, фер-плеј, упорност и одговорност.
Сметаме дека спортот има значајна улога во правилното растење и развој на младите и дека заеднички можеме да испратиме силна порака дека спортот, дружењето и здравите животни навики се вистинската насока за нашите деца.
Воедно, сакаме натпреварите на КК ТФТ да станат место каде што најмладите ќе се чувствуваат добредојдени, ќе можат да ги поддржат своите спортски херои и да добијат дополнителна мотивација еден ден и самите да се занимаваат со спорт.
Очекуваме голем број на ученици веќе на денешниот натпревар против тимот на КК Скопје, кој ќе се одигра во рамките од второто коло на МТЕЛ Супер Лигата. Се гледаме во сала“, порачуваат од ТФТ.
Фото: прес-материјал од настанот


