Почетна
Спорт

Тјери Анри на емисија го осуди расистичкиот напад во Трап и порача: „Ова мора да престане“

Анри на CBS Sports Golazo го осуди нападот и повика ваквото насилство да престане, изразувајќи поддршка за семејствата погодени од трагедијата.

·Спорт
Тјери Анри на емисија го осуди расистичкиот напад во Трап и порача: „Ова мора да престане“

Легендарниот француски напаѓач Тјери Анри беше видливо потресен за време на емисија поради смртоносниот, расистички мотивиран напад во Франција во кој едно лице го загуби животот, а седум други беа повредени.

Анри зборуваше за настанот во емисијата CBS Sports Golazo за време на преносот на натпреварите од Лигата на шампионите, и испрати директна порака поврзана со нападите кои се случија во Трап и Ла Верјер.

Анри со јасна порака

Во нападот животот го загуби 26-годишниот Пенго Босио Ванги, а меѓу седумтемина повредени е и 12-годишно девојче. Поранешниот напаѓач на Арсенал и на француската репрезентација рече дека трагедијата го потресла особено затоа што станува збор за насилство мотивирано од расизам.

На емисијата тој рече: „Ова е ѕверство. Страшно е. Ова е расистички чин. Во еден момент мора да кажете дека е доста. Човек оди по улица и некој го убива, едноставно така“.

Анри се осврна и на прашањето за припадност и идентитет, нагласувајќи дека луѓето не треба постојано да докажуваат дека ѝ припаѓаат на земјата во која се родени и живеат: „Дали секогаш мораме да докажуваме дека сме Французи? Ние сме Французи и тоа никогаш нема да се промени, без разлика на сè што ќе се случи. Јас сум црнец. Јас сум Французин. Јас сум татко“; видливо потресен, тој додаде: „Тоа можеше да биде мојот брат. Тоа можеше да биде мојата ќерка. Ова мора да престане“ и изрази длабока почит и поддршка за семејствата погодени од трагедијата.

Зборовите на еден од најпознатите француски фудбалери предизвикаа бројни реакции и повторно ја отворија јавната дебата за расизмот и насилството во француското општество.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи