Почетна
Македонија

Тошковски: Организираниот криминал во затворите не е изолиран проблем – потребен е заеднички и координиран одговор

На регионална конференција во Скопје тој нагласи дека ранливостите во казненопоправниот систем ѝ помагаат на криминалот да дејствува и по лишувањето од слобода.

·Македонија
Тошковски: Организираниот криминал во затворите не е изолиран проблем – потребен е заеднички и координиран одговор

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски предупреди дека организираниот криминал кој функционира во рамките на казнено-поправните установи не смее да се третира како изолиран затворски проблем и дека претставува закана за интегритетот на институциите и за целиот систем на кривично правосудство. Тој ги изнесе забелешките на регионалната конференција „Организиран криминал во затвори: Зајакнување на интегритетот, разузнавањето и соработката во Југоисточна Европа“, која ја организираше Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Ранливостите во системот бараат заедничка акција

Во своето обраќање Тошковски повика на отворено признавање на структурните слабости што ѝ овозможуваат на криминалните мрежи да продолжат да дејствуваат и по лишувањето од слобода. „Мораме отворено да ги препознаваме ранливостите. Пренатрупаноста, начинот на примена на притворот, недоволно развиените алтернативи, ризикот од регрутирање ранливи лица и можноста за коруптивно влијание создаваат простор кој криминалните структури го искористуваат. Истовремено, притисоците, заплашувањето и корупцијата може директно да ги нарушат интегритетот и отпорноста на затворскиот персонал. Овие предизвици се реални и не смееме да ги потцениме“, рече Тошковски.

Тој потенцира дека интегритетот мора да биде една од темелните точки во справувањето со овој вид криминал преку јасни професионални стандарди, одговорно раководење, ефикасни механизми за проверка и спречување на корупцијата, како и институционална поддршка за службениците да може да се спротивстават на притисоците и влијанијата.

Како особено значаен сегмент Тошковски го издвои разузнавањето во казнено-поправните установи, нагласувајќи дека навременото препознавање на ризиците бара квалитетни информации, добра анализа и ефикасна размена на информации меѓу затворските служби, полицијата, Обвинителството и другите надлежни институции.

„Ниедна од овие мерки не може да даде целосен резултат без соработка. Од превенцијата и истрагата, преку обвинението и судењето, до извршувањето на санкцијата – институциите мора да гледаат на криминалот како на заеднички предизвик. Само преку координирани оперативни механизми, ефикасна размена на информации, заеднички обуки и јасни процедури за заштита на интегритетот можеме да изградиме отпорни институции, кои ќе ги штитат и безбедноста и човековите права“, порача Тошковски.

Осврнувајќи се на регионалната димензија, тој посочи дека транснационалните криминални мрежи, коруптивните ризици, притисоците врз вработените и недостигот на ефикасна размена на разузнавачки информации се предизвици без граници и бараат координиран, интегриран и долгорочен пристап. Тошковски ја поздрави улогата на Мисијата на ОБСЕ во мотивирањето на регионалниот дијалог и практичната соработка и потврди дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да ги продлабочува партнерствата за подобрување на безбедноста и отпорноста на казнено-поправните установи и на системот на кривично правосудство.

Фото: МВР

Поврзани написи