Тошковски: Засега нема вина кај полицијата за бегството на Ива Михаилова
Тошковски вели дека ниту камерите ниту системите за влез/излез ја бележат Михаилова или нејзиниот адвокат меѓу последното забележување во Кочани и појавата во Софија.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вечерашното гостување во главниот Дневник рече дека безбедносните камери долж граничните премини и патните правци не ја регистрирале ниту Ива Михаилова, ниту нејзиниот адвокат во критичниот временски интервал — од моментот кога таа последен пат била забележана како се забавува во локал во Кочани до нејзиното појава во бугарските медиуми.
Тошковски рече дека досегашните наоди од истрагата покажуваат дека Михаилова воопшто не е евидентирана во македонските системи за влез и излез од земјата во текот на 2026 година, а првичните информации од бугарската гранична полиција, исто така, не бележат официјален влез на територија на Бугарија оваа година.
Министерот: засега нема индиции за полицаиска вина
На прашањето дали овие околности упатуваат на организирана операција за изнесување од државата и дали е утврдена одговорност кај полициски службеници, министерот оцени дека засега нема индиции за полициска вина. Тој додаде дека пропагандата што се шири — и која, според него, доаѓа од Бугарија — не може да ја засени суштинската теза дека соседна земја членка на ЕУ со тек на време станува заштитник на осомничени и осудени лица.
„Во тој критичен временски интервал ги нема евидентирано ниту една камера, а камоли полициските службеници да ја отпоздравуваат, да ја величаат или да кажуваат колку е таа значајна“, рече Тошковски.
Министерот посочи дека Михаилова уредно ги почитувала мерките на претпазливост и редовно се пријавувала во полициската станица во Кочани согласно судските термини сè до моментот на бегството. Бидејќи, како што подвлече, границата со Бугарија ја поминала нелегално, надвор од официјалните премини каде што има полициска контрола, тој смета дека не може да се лоцира вина ниту кај граничните службеници, ниту кај полициските службеници во Кочани.
Контекст: Ива Михаилова од Кочани, која поседува македонско и бугарско државјанство, пред Основниот суд во Кочани е обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот — односно за сообраќајна несреќа со смртни последици. Уште во октомври минатата година судот ѝ определил мерки на претпазливост, ѝ ги одзел двата пасоша и ѝ забранил напуштање на земјата; таа била ставена и на стоп-листата на МВР. Михаилова избега во Бугарија во октомври 2026 година и на 12 октомври се појави пред медиумите во Софија заедно со својот бугарски адвокат Николај Димитров, тврдејќи дека заминала поради влошена здравствена состојба и чувство на небезбедност. По нејзиното бегство Јавното обвинителство Кочани побара притвор, распишани беа централна и меѓународна потерница, а судот одлучи да ѝ суди во отсуство. На рочиштето во понеделникот (9 ноември) судот го одби барањето нејзините адвокати да учествува преку видеоконференциска врска.
Фото: Принтскрин


