Трамп им го забрани пристапот до Белата куќа на CNN, MSNBC и Politico
Трамп рече дека одлуката стапува во сила „веднаш“ и обвини дека медиумите шират лажни вести.

Претседателот Доналд Трамп објави на својата социјална мрежа Трут соушл дека им забранува пристап до Белата куќа на новинарските екипи на Си-ен-ен, Ем-си нау и „Политико“, наведувајќи дека одлуката стапува во сила „веднаш“. Тој додаде дека пристапот може да им биде ограничен и на други медиуми, меѓу кои ги спомена „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“.
Засега нема индикации дека администрацијата презела конкретни чекори за спроведување на забраната. Некои вработени во Белата куќа биле затекнати од најавата и биле приморани дополнително да утврдуваат како евентуално би се спровело ограничувањето во практиката.
Насоки од претседателот и реакции
Во објавата на Трамп на Трут соушл стои: "Гордо објавувам дека им забранувам пристап во Белата куќа на Си-ен-ен, Ем-си нау и ‘Политико‘. Причината е нивното постојано известување со лажни весто! Медиумите не смеат постојано да пишуваат или известуваат фикција и лаги кога известуваат за претседателот на САД, за администрацијата на Трамп или за Соединетите Американски Држави. Ќе следат и други медиуми што шират лажни вести".
Организации за заштита на слободата на печатот оценија дека евентуална забрана од ваков вид би била неуставна и би можела да биде поништена од судовите. Новинарските организации кои беа именувани соопштија дека ќе ги бранат правата загарантирани со Првиот амандман и дека ќе продолжат да известуваат за актуелната и идните администрации.
Повеќе демократи во Конгресот го критикуваа потегот. Лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, ја спореди најавата со постапки на диктаторски режими и предупреди дека не смее да се ограничува известувањето за да се контролира јавниот наратив.
Ова не е првпат Белата куќа на Трамп да влезе во судири со медиумите: во ноември 2018 година, акредитацијата на тогашниот главен дописник на Си-ен-ен од Белата куќа, Џим Акоста, беше одземена по расправија со Трамп; федерален судија привремено му го врати пристапот, а подоцна акредитацијата повторно му беше вратена. Во 2025 година Белата куќа привремено го ограничи учеството на АП во „прес-пулот“, што доведе до правен спор; на новинарите на АП подоцна им беше вратен пристапот, а судскиот процес продолжи.
Фото: EPA/JIM LO SCALZO / POOL


