Почетна
Свет

Трамп: Не сакам да убивам луѓе, има договор околу Хормуз, а ќе има и за нуклеарната програма

Трамп рече дека ги откажал нападите и дека денеска попладне ќе почнат преговорите со Иран; според него, регионалните партнери побарале пауза

·Свет
Трамп: Не сакам да убивам луѓе, има договор околу Хормуз, а ќе има и за нуклеарната програма

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека попладнева ќе почнат нови преговори со Иран откако, како што рече, ги откажал планираните масовни напади врз земјата.

„Знаеа колкав ќе биде нападот бидејќи видоа дека се подготвува. Зборуваме со нив во форма на преговори ,“ им изјави Трамп на новинарите во претседателскиот авион.

Саудијците и регионалните партнери побарале одложување

На платформата „Тру соушал“ Трамп објави дека Иран и американските сојузници на Блискиот Исток побарале да се одложи нападот бидејќи постои можност за договор. Тој додаде дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, како и партнери од Обединетите Арапски Емирати и Катар, побарале САД да не напаѓаат во текот на викендот.

„Сè беше подготвено. Побараа одложување затоа што мислат дека договор е можен. Постои договор околу Хормуз, а ќе има и за нуклеарната програма. Не сакам да убивам луѓе ,“ рече Трамп, но не откри каде ќе се одржат разговорите ниту кој ќе учествува во нив.

Иран засега официјално не одговори на неговите изјави. Полуофицијалната новинска агенција Мехр објави дека Техеран не побарал одложување на американските воени активности и оцени дека тврдењата на Трамп се „ништо друго освен нова лага“.

Веднаш по изјавата на Трамп цените на нафтата паднаа на азиските пазари: суровата нафта „брент“ поевтини за 4,5 проценти, а американската сурова нафта за 4,6 проценти.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи