Почетна
Македонија

Трамп потпиша уредба за намалување на препорачани вакцини за деца во САД

Извршната уредба ја ограничува федералната поддршка на 11 вакцини за деца и предлага ММР да се подели на три одделни вакцини.

·Македонија
Трамп потпиша уредба за намалување на препорачани вакцини за деца во САД

Американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа потпиша извршна уредба со која федералната влада ги ограничува препораките за вакцинација на деца, намалувајќи ја програмата на 11 вакцини.

Во уредбата се предвидува и комбинираната вакцина против мали сипаници, заушки и рубеола (ММР) да се подели и да се дава како три одделни вакцини, наместо како една комбинирана доза.

За време на церемонијата на потпишување во Белата куќа Трамп ја образложи одлуката како усогласување со, како што рече, повисок стандард за вакцинација на децата. „Мојата администрација од овој момент ги признава препораките на златниот стандард за вакцинација на децата, кои опфаќаат само 11 основни вакцини против најсериозните и најопасните болести, плус ММР, која, се надеваме, ќе биде поделена", изјави Трамп.

Улогата на Роберт Ф. Кенеди Џуниор

Измените доаѓаат по иницијативите предводени од американскиот министер за здравство, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, долгогодишен критичар на вакцините, кој презеде чекори за укинување на универзалната препорака за вакцинација против хепатит Б и за намалување на списокот препорачани вакцини, повикувајќи се на поврзаност меѓу вакцините и аутизмот.

Кенеди во јануари ги отстрани вакцините против шест од вкупно 17 болести од американската програма за вакцинација, што подоцна беше предмет на правна дискусија пред Федерален суд. Во уредбата се наведува дека федералната влада во иднина ќе поддржува само 11 преостанати вакцини и дека со уредбата се потврдуваат измените иницирани од Кенеди, независно од судскиот процес кој во моментов е во тек.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи