Трамп пренасочи 52 милиони долари воена помош од Македонија кон Латинска Америка
Администрацијата го информира Конгресот дека 52 милиони долари ќе бидат пренаменети од Македонија и други земји кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп извести конгресни официјални лица дека ќе пренасочи 52 милиони долари воена помош претходно одобрена за Македонија, Словачка, Тунис и Ирак и ќе ги насочи кон земји во Латинска Америка. Одлуката следува и покрај формалната блокада што ја поставија водечки демократи во комисиите за надворешни работи.
Претставници бараат објаснување
Според официјални лица, администрацијата во средата доцна навечер го соопшти до Конгресот дека ќе ги пренасочи средствата кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија. Стејт департментот првично ги информираше законодавците во септември, по што сенаторката Џин Шахин и конгресменот Грегори Микс ставија формална блокада на пренасочувањето.
Пратениците во писмото до државниот секретар Марко Рубио оценуваат дека ваквиот чекор ја крши поставената блокада и законските одредби за намената на средствата. Тие истакнуваат дека парите биле обезбедени во 2022 година како дел од помошта поврзана со војната во Украина, за да ѝ помогнат на Европа и сојузниците да набават американска опрема наместо руска.
Администрацијата го оправдува потегот како дел од поширокото намалување на американските трошоци и воено присуство во Европа, коешто се совпаѓа со ревизија во Пентагон што може да доведе до прераспределба на базите. Критичарите велат дека пренасочувањето предизвикува прашања за уставните овластувања на Конгресот во врска со потрошувањето.
Од Стејт департментот соопштија дека средствата ќе служат подобро во Латинска Америка во рамките на надворешнополитичката доктрина на Трамп за фокус на Западната хемисфера. Парите, според нив, ќе се користат за борба против наркотероризмот, обезбедување на Панамскиот канал, зајакнување на безбедносните сојузи и сузбивање на военото влијание на противниците во регионот. За Ирак и Тунис средствата биле одобрени со друг закон и не подлежат на истите ограничувања, но нивното одземање доаѓа во чувствителен момент за Багдад поради тензиите со Иран и повлекувањето на американските сили.
Марко Рубио ќе престојува во Грција следната недела и ќе ја предводи американската делегација на шестата рунда од Стратешкиот дијалог меѓу САД и Грција.
Фото: Фејсбук)


