Трамп, Путин и Шји ќе одржат историска средба во Шенжен за намалување на нуклеарното оружје, најави Белата куќа
На маргините на самитот АПЕК ќе се разговара за намалување на нуклеарните арсенали; Иран ќе биде тема, Украина нема да биде, и не се очекува договор.

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Шји Џинпинг планираат следната недела да одржат трилатерален состанок на маргините на Самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во јужниот кинески град Шенжен.
Портпаролката на Белата куќа Оливија Велс изјави пред новинарите дека Трамп на средбата, меѓу другото, ќе разговара за намалување на нуклеарното оружје во светот, чие ширење тој го смета за „многу опасно“. Таа додаде дека на состанокот ќе се разговара и за Иран, но не и за Украина.
Неименуван висок американски функционер изјави дека по разговорите не се очекува да биде постигнат никаков договор. Москва и Пекинг сè уште не ја коментирале најавата.
Трамп ќе пристигне во Шенжен доцна в среда за дводневниот самит на 21 земја членка. Во четврток ќе одржи билатерални разговори со Шји — што ќе биде нивната четврта средба откако американскиот претседател се врати на функцијата во 2025 година — а посетата на Кина ќе ја заврши со трилатералната средба меѓу претседателите на САД, Народна Република Кина и Руската Федерација. Во неговиот план за патување е и учеството на самитот на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) на Филипините во вторник.
Предисторија
Договорот за контрола на нуклеарното оружје меѓу САД и Русија истече во февруари, со што најголемите светски нуклеарни арсенали останаа без главни ограничувања, а со тоа практично заврши соработката за контрола на вооружувањето што помогна да се стави крај на Студената војна.
Обединетите нации ги повикаа двете страни без одложување да договорат нова рамка. Трамп изјави дека би можел да го замени договорот со подобар аранжман во кој би била вклучена и Кина, која го зголемува својот арсенал.
Фото: Бела куќа)


