Почетна
Македонија

Тренчевска: Следува нов ценовен удар, Владата одбива повисоки плати

Потпретседателката на СДСМ вели дека МЕПСО бара повисока тарифа за пренос од јануари, а парното се подготвува за ново поскапување.

·Македонија
Тренчевска: Следува нов ценовен удар, Владата одбива повисоки плати

Потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Јована Тренчевска, на денешната прес‑конференција предупреди дека од Нова година следува нов бран на поскапувања и дека семејните буџети ќе бидат погодени од повисоки сметки за струја и парно.

Тренчевска рече дека МЕПСО веќе побарал зголемување на тарифата за пренос од јануари, додека кај парното се најавува трето поскапување за една година. Потсети дека трошоците за живот од почетокот на годината се зголемиле за 4 000 денари, а дека потрошувачката кошничка во октомври надминала 70 000 денари — односно над 90 000 денари ако се вклучи киријата.

Во контекстот на социјалната состојба, Тренчевска потенцираше дека притисокот врз вработените е голем. "Ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци. Работниците во Македонија едвај врзуваат крај со крај, со најниски плати во Европа", рече таа.

Таа ги презентираше и податоците за вработеност и примања: од вкупно 540 000 вработени во земјава, околу 180 000 земаат плата помала од 31 200 денари, додека минималната плата останува на 26 000 денари. "33 отсто од работниците во Македонија земаат примања под прагот на сиромаштијата", додаде Тренчевска.

Критики кон Владата и плановите за увоз на работници

Тренчевска ја обвини владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски дека го одбила предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата на 600 евра и дека ги одбива сите мерки за ублажување на ценовните шокови. Таа исто така искажа незадоволство од најавите за ангажирање странски работници наместо подобрување на стандардот за домашната работна сила.

"Наместо да ги зголеми платите, Мицкоски размислува за увоз на економски работници како евтина работна сила. Николовски вели 50 000 економски работници, а Мицкоски зголемува на над 100 000. Ова е смислена политика. И во новиот ребаланс нема повисока минимална плата, нема 600 евра за работниците, нема мерки, нема помош за земјоделците", изјави Тренчевска. Од СДСМ повторно порачаа дека сегашната минимална плата не е доволна ниту за храна и пијалаци за едно четиричлено семејство.

Фото: СДСМ

Поврзани написи