Три контејнери со замрзнато говедско месо запрени во Бар поради фалсификувани етикети
Царината открила отстранување на оригиналните декларации и нивна замена со лажни етикети; пратката била наменета за "A….ShpK" во Косово.

Три контејнери со замрзнато говедско месо од Бразил, наменети за пазарот во Косово, беа запрени во пристаништето Бар откако црногорската царина утврди дека на оригиналните декларации со истечен рок биле поставувани нови, фалсификувани етикети со променет датум.
Според официјалното соопштение на Управата за царина на Црна Гора, пратката била наменета за купувач од Косово чииот идентитет е наведен само како "A….ShpK". Царинската управа исто така утврди дека контејнерите биле изземени од царински надзор без нејзино одобрение.
Контрола во ладилникот и откривање на манипулација
При дополнителната проверка во ладилник во пристаништето, царинските службеници затекнале работници ангажирани од компанија од Косово кои со алат ги отстранувале оригиналните декларации на кои стоел истечениот рок на употреба, по што на нивно место биле поставувани нови декларации со изменет рок.
За случајот веднаш биле известени Управата за безбедност на храната, ветерина и фитосанитарни работи и полицијата, кои ја продолжуваат истрагата.
Царината соопшти дека, врз основа на информациите со кои располага, одредени компании во Црна Гора кои преработуваат месо се снабдуваат со производи од правно лице од Косово поврзано со случајот. Институциите сега проверуваат дали и во кој обем производи од тој снабдувач претходно биле дистрибуирани.
Засега нема официјална информација дека месото од трите запрени контејнери стигнало до косовските потрошувачи.
Фото: Pixabay.com


