Почетна
Македонија

Три собраниски комисии денеска за измените на законите за животна средина и службеници

Комисиите ќе расправаат за усогласување со Директивата 2014/52/ЕУ и за правила за статус, унапредување и дисциплина на административните службеници.

·Македонија
Три собраниски комисии денеска за измените на законите за животна средина и службеници

Во Собранието денеска ќе заседаваат три комисии за да ги разгледаат предлог‑измени на два закони: измени на Законот за животната средина и измени на Законот за административни службеници.

Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ќе го разгледува Предлог‑законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина во второ читање. Како основна цел е наведено транспонирање на Директивата 2014/52/ЕУ за да се зајакне постапката за оценка на влијанието врз животната средина, да се подобри заштитата на животната средина, да се зголеми ефикасноста на ресурсите и да се поддржи одржливиот развој.

Во образложението се посочува усогласување со Директивата 2014/52/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 16 април 2014 година, со која се изменува Директивата 2011/92/ЕУ за оцена на влијанието од одредени јавни и приватни проекти врз животната средина (CELEX бр. 32014L0052). За овој предлог‑закон поднесени се осум амандмани од пратеникот на Левица, Сашко Јанчев.

Измените за административните службеници по скратена постапка

На Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е предложен Предлог‑законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници по скратена постапка. Предложените измени имаат за цел да обезбедат појасна, единствена, ефикасна и правно сигурна примена на прописите, со уредување на статусот на службениците во Службата на Собранието и во регулаторните тела на исто ниво со другите посебни државни службеници.

Со предложениот закон се укинува можноста за унапредување на административните службеници без објавување интерен оглас, со што се обезбедува еднаков пристап и примена на мерит‑системот. Исто така, се прецизираат овластувањата за застапување на Агенцијата во управните и судските постапки, се определуваат рокови за доставување акти и се поедноставува постапката преку отстранување на преклопувања, единствено со подзаконско уредување и транспарентно објавување на конечните резултати. Со овој предлог‑закон се воведува јасна правна последица со која на административниот службеник, кој две години последователно ќе биде оценет со оценка „1 – не задоволува", му престанува работниот однос по сила на закон. Примената на членот 80 се одложува до 1 јануари 2028 година, а во предложените решенија е задржано правото на жалба и уредена дисциплинската и материјалната одговорност.

За предлог‑законот за административни службеници поднесени се два амандмана од пратеничката на НСДП, Соња Мираковска, и еден од пратеникот на ВМРО‑ДПМНЕ, Бојан Стојаноски. Предложените измени и дополнувања ќе бидат разгледани и на Собраниската законодавно‑правна комисија.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи