Почетна
Свет

Учениците ќе учат да препознаваат дезинформации и да дебатираат во новата наставна програма

Реформата предвидува задолжително граѓанско образование од основно, поголем фокус на дигитална писменост и нова оценка за говорење.

·Свет
Учениците ќе учат да препознаваат дезинформации и да дебатираат во новата наставна програма

Во Велика Британија ќе се спроведе опсежна реформа на наставната програма со која учениците ќе учат да препознаваат дезинформации, медиумска пристрасност и манипулативни содржини, додека во информатиката ќе се зголеми фокусот на анализа на податоци и вештачка интелигенција.

Министерката за образование Луси Пауел оцени дека досегашната програма не ги следи промените во современиот свет и дека промeните ќе бидат претставени утре. „Го модернизираме наставниот план за да ги подготвиме младите за иднината што брзо се менува, а не за некое минато време“, рече Пауел.

Образовни елементи и нови оценки

Според предлогот, часовите по граѓанско образование ќе бидат задолжителни уште од основно училиште. Исто така, ќе се зголеми значењето на дигиталната и медиумската писменост, а предложени се и задолжителни содржини за финансиско образование.

Училиштата ќе треба да одвојуваат и време за читање од задоволство како одговор на намалениот интерес за секојдневно читање поради зголеменото влијание на екраните. На крајот од основното образование ќе се воведе ново оценување на говорењето и слушањето, заедно со постојните писмени оценки.

Претседателот на Комисијата за говорно образование, Џеф Бартон, оцени дека промените ќе им помогнат на децата да ги разбираат и анализираат идеите, да ги аргументираат своите ставови и да научат „како да не се согласуваат на прифатлив начин“, со цел да станат активни и информирани граѓани.

Активистот за заштита на потрошувачите Мартин Луис го поздрави предлогот за задолжително финансиско образование, нарекувајќи го „можност младите да не бидат испратени во свет полн со измами, сомнителни зделки и долгови без алатки за справување со нив“.

Реформите, меѓутоа, наидоа и на критики од опозицијата. Министерката во сенка за образование Лора Трот оцени дека тоа е „список на идеи што само звучат убаво“ и предупреди дека таков пристап може да ги ослаби основните знаења по клучните предмети. „Наместо образовна политика заснована на она што докажано функционира, добиваме политика заснована на впечатоци“, изјави Трот.

Фото: ДПА)

Поврзани написи