Украина побара опрема за деминирање преку механизмот за итен одговор на НАТО
Барањето е упатено за да се зајакнат капацитетите на Државната служба за вонредни состојби, особено во регионите најпогодени од руските напади.

Украина преку механизмот за итен одговор на НАТО побара меѓународна помош за зајакнување на капацитетите за деминирање и отстранување експлозивни направи, соопшти НАТО денеска.
Барањето е насочено кон единиците за итни интервенции
Апелот беше поднесен со цел побрзо да се обезбедат специјализирани алатки и опрема потребни за екипите кои чистат мини и други експлозивни остатоци од борбените дејства, стои во соопштението на алијансата.
Државната служба за вонредни состојби на Украина изјави дека поради руските напади голем дел од земјата е контаминиран со мини и други експлозивни направи, што претставува сериозна закана за цивилите и за критичната инфраструктура.
Деминирањето е означено како еден од стратешките приоритети за безбедноста на населението и за обновата на погодените региони.
Во барањето е посочено дека е потребна специјализирана опрема за единиците на Државната служба за вонредни состојби низ цела Украина, со особено внимание на областите најпогодени од руските напади.
Фото: прес-материјал од настанот