УНИЦЕФ: 11.727 деца во Северна Македонија изложени на сексуална злоупотреба преку технологија
Анализата ги издвојува високите стапки на закани, AI‑генерирани интимни содржини и фактот дека сторителите најчесто им се познати на децата.

Анализа на УНИЦЕФ покажува дека 11.727 деца на возраст од 12 до 17 години во Северна Македонија — односно 9,4 проценти од младите корисници на интернет — доживеале барем една форма на сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена со технологија во текот на една година.
Иако стапката е пониска од просекот во 21 земја опфатени со студијата, извештајот открива низа загрижувачки индикатори кои бараат итна и системска реакција од институциите, родителите и дигиталните платформи.
Закани, уцени и содржини создадени со вештачка интелигенција
Северна Македонија има највисока преваленца меѓу земјите опфатени во вториот круг за деца кои биле изложени на закани или уцени за вклучување во сексуални активности: 4,4 проценти, во споредба со просекот од 3 проценти во другите земји. Исто така, 4,2 проценти од децата пријавиле дека имале закани дека ќе бидат објавени нивни интимни фотографии или видеа, наспроти просек од 2 проценти.
Посебно тревожно е и ширењето на содржини генерирани со вештачка интелигенција: 4,3 проценти од децата во Северна Македонија пријавиле дека се создадени сексуализирани фотографии или видеа со AI што ги прикажуваат нив, што е повеќе од двојно над просекот од 2 проценти.
Истражувањето ги руши стереотипите дека најголем ризик претставуваат непознати лица на интернет — 80 проценти од регистрираните случаи во Северна Македонија вклучувале лице што детето веќе го познавало, како пријател, член на семејството, романтичен партнер или познаник, што е значително над просекот од 57 проценти во другите земји. Речиси шест од десет случаи — 59 проценти — вклучувале возрасен сторител, наспроти 34 проценти во другите земји.
Постојат и јасни поврзаности со менталното здравје: децата кои биле изложени на сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена со технологија имале 8,6 пати поголема веројатност да пријават самоубиствени мисли или однесување и 9,4 пати поголема веројатност да пријават самоповредување отколку нивните врсници кои не биле изложени.
Иако откривањето пред блиските е високо — 87,6 проценти од децата кои доживеале злоупотреба рекле некому за тоа, најчесто мајки, татковци, пријатели или браќа и сестри — помалку од 1 процент од случаите биле пријавени до формални механизми за заштита, како полицијата, центрите за социјална работа или телефонските линии за помош.
„Северна Македонија мора да се потпре на подготвеноста на децата да проговорат, така што ќе овозможи секое откривање да води кон навремен и координиран одговор ориентиран кон детето, истовремено јакнејќи ја свеста на семејството и заедницата, унапредуваќи здрави односи и дигитална отпорност, подобрувајќи ги патиштата за пријавување, обезбедувајќи пристап до услуги за поддршка по мерка на децата и зголемувајќи ја одговорноста на технолошките платформи, со цел да се создадат побезбедни дигитални средини за децата", порачуваат од УНИЦЕФ.
Во глобални рамки, извештајот проценува дека околу 20 милиони деца на возраст од 12 до 17 години во 21 земја биле изложени на барем една форма на сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена со технологија во текот на една година. Повеќе од 15 милиони биле изложени на несакана сексуална содржина, околу 9 милиони биле побарани да учествуваат во сексуализирани разговори или да споделат интимни фотографии против своја волја, а фотографии од приближно 4 милиони деца биле споделени без согласност.
Фото: прес-материјал од настанот


