Уништена зимска маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв, штета над 8 000 евра
Повеќе од 45 од 112 столба на 11‑километарската патека Попова Шапка – Титов Врв се уништени или отстранети; штетата најмалку 8 000 евра.

Повеќе од 45 од 112 новопоставени столба за зимска маркација на релацијата Попова Шапка – Титов Врв се уништени, оштетени или отстранети, а материјалната штета се проценува на најмалку 8 000 евра, соопшти Здружението за одржлив развој САТ-Скопје.
Според здружението, патеката Попова Шапка – Титов Врв е долга приближно 11 километри, а маркацијата била поставувана во периодот од ноември 2025 година до крајот на јули 2026 година со учество на повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси од Тетово и Боговиње.
Уништен труд и опрема
„Но, ова не е само материјална штета. Зад уништената опрема стои нешто многу поважно – трудот на луѓето што работеа за Шар Планина да биде побезбедна и подобро подготвена за планинарите и локалните заедници“, велат од Здружението за одржлив развој САТ-Скопје и нагласуваат дека поставувањето барало голем број работни часови во транспорт, подготовка и поставување на опремата во тешки планински услови.
Од здружението посочуваат дека планинарската маркација не е само столб или знак – во услови на снег, магла и невреме таа може да ја направи разликата помеѓу безбедното враќање и губењето во планината, што може да заврши со сериозни и несакани последици. Уништувањето на маркацијата, велат, претставува и уништување на туристичка инфраструктура неопходна за развојот на планинскиот и активниот туризам и директно се спротивставува на целите на НП "Шар Планина" и локалните општини.
Вандализмот е пријавен во полициската станица Попова Шапка на 19 август 2026 година. Здружението очекува надлежните да ги утврдат сите околности и да постапат согласно прописите кон сторителите на кривичното дело.
Фото: Здружение за одржлив развој САТ – Скопје