Универзитетската клиника за неврологија ќе воведе третмани за Паркинсон и Алцхајмер
Од следната година ќе се воведат длабока мозочна стимулација за Паркинсон и антиамилоидни антитела за Алцхајмер, со експертиза од Љубљана.

Во Македонија има околу 24 000 пациенти со Алцхајмерова болест и околу 5000 со Паркинсонова. Во соработка со Универзитетската клиника од Љубљана, нашата Универзитетска клиника за неврологија од следната година ќе воведе два третмани за подобрување на квалитетот на животот на болните.
Се работи за Длабока мозочна стимулација за пациентите со Паркинсон и Антиамилодни антитела за болните од Алцхајмерова деменција. Средствата се обезбедени, но треба да се направат мултидисциплинарни тимови, кажа директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски.
Знаењето за третманите ќе го пренесе специјалист‑неврологот од Универзитетската клиника во Љубљана, Дејан Георгиев, каде со децении успешно се лечат пациентите од овие болести.
Како помага Длабоката мозочна стимулација
"Пациентите добиваат практично можност за нов живот со Длабока мозочна стимулација. Значи квалитетот на животот во напредната фаза на Паркинсоновата болест е толку влошен што не можат да ги извршуваат нормалните активности на дневно ниво. Со Длабока мозочна стимулација состојбата се враќа барем за 10 години поназад – Дејан Георгиев, специјалист- невролог во Универзитетска клиника – Љубљана."
"Длабоката мозочна стимулација не е нова метода. Меѓутоа е извонрено успешна и докажана во тек на изминатите 30 години. За жал, во Македонија сѐ уште не се изведува. Но, на мое големо задоволство да започнеме со планирање и имплементација на оваа метода . Истовремено да направиме подготовка на системот и инфраструктурата, за да се подготвиме за новиот третман за Алцхајмеровата болест – доц д-р Габриела Новотни‑Клиника за неврологија."
Во наредната фаза клиниката ќе формира мултидисциплинарни тимови, ќе прилагоди инфраструктура и ќе започне обуки и воведни процедури со цел двата третмани да бидат достапни од следната година.
Фото: прес-материјал од настанот


