Уште 11 вработени ќе добие Карпош во 2027 година, администрацијата имала зголемен обем на работа
Советот го прифати планот за 11 нови работни места и буџет за плати, додека опозицијата бара претходна функционална анализа.

Советот на Општина Карпош го изгласа годишниот план за вработување за 2027 година, со кој предвидени се 11 нови вработувања и за плати на годишно ниво е планирана сума од околу 5,2 милиони денари.
Во моментов во општината има вкупно 184 вработени: 165 административни службеници и 19 технички кадар. Во таа бројка не се вклучени привремено вработените во администрацијата и во јавната чистота.
Во предложениот список нема позиции за инспекторат — нешто што го истакнаа и опозиционите советници — туку конкретно се наведени работни места во неколку сектори. Предвидени се двајца помошници-раководители, еден во Секторот за поддршка и организација на работата на Советот и еден во Секторот за урбанизам, со годишна плата од по 591.310 денари. Две нови работни места се предвидуваат во Секторот за поддршка на градоначалникот, еден во Секторот за односи со јавност, еден во Секторот за дејности од јавен интерес за поддршка на граѓаните со посебни потреби, тројца во Секторот за развој на општината (еден во Одделението за занаетчиство, угостителство и туризам и двајца во Одделението за локален економски развој), како и нов даночен книговодител и лице за обработка на документација за данок на имот.
Покрај новите вработувања, седуммина од постојниот кадар се на листата за унапредување преку интерен оглас, а за наредната година се предвидени само четири пензионирања.
Забелешки од опозицијата: побарана функционална анализа
Советниците од опозицијата и независните советнички изнесоа забелешки дека во Општина Карпош веќе постои превработеност и дека претходно треба да се изработи функционална анализа за да се утврдат вистинските потреби за кадар. Како една од забелешките беше и отсуството на нови вработувања во инспекторат и екологија.
Советникот од Левица Славко Митевски го резимираше својот став со зборовите: "Не видов вработувања во инспекторат и екологија, туку само раководители и заменици раководители на сектори. Образложението е дека е зголемен обем на работа, но со сегашното функционирање, не гледам дека е зголемен обемот, освен потребата владејачката гарнитура да си ги смести своите кадри."
Градоначалникот Сотир Лукровски го бранеше планот, посочувајќи дека некои вработени ќе се пензионираат или можеби ќе ја смени работната средина и дека одложувањето на донесувањето на планот може да го попречи функционирањето на администрацијата. Тој одговори и на прашањето за функционалната анализа: "Што се однесува до функционалната анализа, прашање е само дали ќе ја правиме со сопствени капацитети или со надворешни, а ќе чини приближно помеѓу 150 и 200 илјади денари. Гледам дека расположението е да биде надворешна фирма, ќе направиме напор да обезбедиме средства и да ја распишеме постапката."
Од Секторот за човечки ресурси објаснија дека дел од предложените потези всушност се пополнување на слободни работни места или формализирање работни места за лица кои со години работеле на неопределено или по привремени договори, а не создавање сосема нови категории работни места. Ваквиот план на крај беше изгласан со мнозинство предводено од ВМРО‑ДПМНЕ.
Граѓаните кои го следеа седничното расправање реагираа со прашања дали зголемувањето на администрацијата директно ќе ги подобри услугите за жителите. Еден жител на Карпош реагираше: "Какви бенефити ќе добијат жителите на Општина Карпош со новите вработувања?! Со што мене како жител новото вработување во администрација ќе ми го олесни и подобри живеењето што е уставно загарантирано, а го немам. Подобро средствата што фалат за развој на општината, да се искористат за општа добробит на жителите, повеќе детски едукативно креативни паркови, вложување за почиста општина."
Фото: Општина Карпош