Почетна
Спорт

Успешно заврши проектот „Допри го голот“ – фудбал за секое дете

Завршна конференција на проектот во хотелот „Холидеј Ин“ ги презентираше активностите, прирачникот и документарецот „Touch the Goal“.

·Спорт
Успешно заврши проектот „Допри го голот“ – фудбал за секое дете

На 11.11.2026 во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје се одржа завршната конференција на проектот „Допри го голот“ – Фудбал за секое дете, проект реализиран од ОУРЦ „Иднина“ со финансиска поддршка од УЕФА Фондацијата за деца. На настанот беа презентирани активностите, искуствата и резултатите од едногодишната реализација.

Целта на проектот беше поголема вклученост на децата со атипичен развој во фудбалот и спортските активности преку развој на инклузивни практики и унапредување на капацитетите на наставниците и стручните лица. Конференцијата ја отворија директорката на ОУРЦ „Иднина“, Лорета Андреевска, и Ирена Бакревска Милошевска од Одделот за социјална и еколошка одржливост при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), кои ја нагласија потребата од создавање спортска средина во која секое дете ќе има можност да учествува и да се чувствува прифатено.

Прирачникот и обуките како трајни резултати

Како еден од најзначајните резултати беше промовиран прирачникот „Практичен водич за создавање инклузивни спортски средини преку фудбал“, кој го претставија Катарина Величковска и Ирена Новаческа‑Макалоска. Прирачникот е достапен на македонски, албански и англиски јазик и е наменет за наставниците по физичко образование, тренерите, фудбалските школи и клубовите.

Прирачникот нуди конкретни методи и алатки за прилагодување на тренинзите и спортските активности за полесно вклучување на децата со атипичен развој и за рамноправно учество. Исто така, содржи вежби за развој на фудбалските вештини, комуникацијата и тимската соработка кај групите со различни потреби.

Присутните ја проследија и документарната приказна „Touch the Goal“, која ги прикажува искуствата и приказните од реализацијата на проектот, по што следуваше панел‑дискусија за примери од теренот, врсничка поддршка и успешни практики за инклузија преку фудбалот.

Во проектот беа вклучени вкупно 10 основни училишта, при што носител на проектот беше ОУРЦ „Иднина“ – Скопје, а учествуваа: ООУ „Киро Глигоров“ од Центар, ООУ „Живко Брајковски“ од Бутел, ООУ „Имри Елези“, ООУ „Васил Главинов“ и ООУ „Тефејјуз“ од Чаир, ООУ „Кочо Рацин“ од Петровец, ООУ „Христијан Карпош“ и ООУ „Магдалена Антова“ од Куманово, ООУ „Илинден“ од Крива Паланка и ООУ „Кочо Рацин“ од Кратово. Преку проектните активности беа опфатени 130 ученици, а 18 наставници по физичко и здравствено образование поминаа обука за примена на инклузивни методологии.

„Проектот „Допри го голот – Фудбал за секое дете“ завршува, но неговите придобивки ќе продолжат да живеат преку користењето на прирачникот создаден во изминатата година. Тој е наменет за сите фудбалски школи и тренери кои работат со деца. Со примена и приспособување на активностите и алатките што ги содржи, тренерите ќе можат да им дадат поддршка на децата со атипичен развој и да им овозможат полесно да се вклопат и рамноправно да учествуваат во тренинзите и натпреварите. Ги повикуваме сите клубови, школи и тренери да го користат прирачникот и да создаваат средини во кои секое дете ќе има можност да игра, да напредува и да се чувствува дел од тимот“, истакна Ирена Бакревска Милошевска од ФФМ.

„Знаевме дека успехот на проектот зависи пред сe од луѓето кои секојдневно работат со децата. Затоа нашиот прв фокус беше обуката на наставниците и стручните соработници. Не сакавме само да организираме спортски активности, туку да оставиме знаење, конкретни алатки и капацитети кои ќе продолжат да се користат и по завршувањето на проектот. Прирачникот е еден од највредните резултати во таа насока. Веруваме дека неговата примена ќе отвори врати за уште повеќе деца да бидат дел од фудбалот и спортот“, истакна Лорета Андреевска, директорка на ОУРЦ „Иднина“.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи