Почетна
Македонија

Уставен суд ја одржува 27. седница — на дневен ред 12 иницијативи и две барања за заштита на права

Судиите ќе разгледуваат иницијативи против одредби од закони за електронски комуникации и медијација, и предмети за права и статути.

·Македонија
Уставен суд ја одржува 27. седница — на дневен ред 12 иницијативи и две барања за заштита на права

Уставниот суд денеска ја одржува 27. седница на која судиите ќе разгледуваат низа иницијативи за оценка на уставноста и законитоста на законски и подзаконски акти, две барања за заштита на слободите и правата и предмети поврзани со статути и програми.

Што е на дневен ред

На листата за разгледување се вкупно 12 иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, две барања за заштита на слободите и правата, еден предмет за оценка на одредби од програма и статут, како и еден предмет предвиден за одлучување по Нацрт-одлука.

Меѓу законските решенија што ќе се дискутираат се одредби од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Законот за бесплатна правна помош, Законот за електронските комуникации, Законот за медијација, Законот за нотаријатот и Законот за високото образование.

Особено внимание привлекува иницијативата со која се оспоруваат одредби од Законот за електронските комуникации што им овозможуваат на операторите да ги менуваат условите на веќе склучените договори со корисниците. Во иницијативата се отвораат прашања за правната сигурност, начинот на известување на корисниците и нивната заштита при еднострани измени на договорните услови.

На дневен ред се и три иницијативи поврзани со Законот за медијација, кои оспоруваат одредби за доверливоста на информациите, изјавите и документите од постапката за медијација и нивната употреба во судски и арбитражни постапки.

Судиските членови ќе расправаат и за условите за именување нотари, прекинувањето на секундарната правна помош, изрекувањето на прекршочната мерка „опомена“, како и за одредби од законите што ги уредуваат финансиската инспекција, високото образование и правата од социјалната и здравствената заштита.

Во делот за барања за заштита на слободите и правата, Уставниот суд ќе разгледува два предмета во кои подносителите бараат заштита од дискриминација по основ на национална и социјална припадност. Едно од барањата е поврзано со постапувањето при одземањето на патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки, додека другото се однесува на судска постапка и приговор за стварна надлежност на Основниот суд Виница.

Има и иницијатива за оценување на уставноста на одредби од Статутот на здружението ловечко друштво „Церн камен 2010 Вевчани“, која се однесува на положбата и надлежностите на Дисциплинскиот суд во рамките на здружението.

Во делот предвиден за одлучување по Нацрт-одлука е предметот UZ.бр.51/2025. За овој предмет, Уставниот суд на 8 април 2026 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 78-љ од Законот за културата, како и на уставноста и законитоста на Колективниот договор за културата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи