Уставниот суд домаќин на регионална конференција во Охрид за „Како да се зголеми довербата на јавноста во уставните судови“
Регионален форум во Охрид (16–17 септември 2026) за независност, транспарентност и јавна комуникација на уставните судови.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), ќе одржи регионална конференција во Охрид на 16–17 септември 2026 година на централната тема „Како да се зголеми довербата на јавноста во уставните судови“.
Фокус и цел
Конференцијата е насочена кон градење и зајакнување на јавната доверба во уставните судови, со посебен акцент на независноста и кредибилитетот на уставното судство, транспарентноста, комуникацијата со јавноста и современите предизвици кои ги носи забрзаниот информациски и технолошки развој.
Целта е преку размена на регионални и европски искуства да се отвораат прашања за тоа како уставните судови ја градат и одржуваат довербата на јавноста, а при тоа ја зачувуваат својата независност и институционален авторитет.
Конференцијата ќе ја отворат претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, и Штефан Пирнер, раководител на проектниот оддел за Западен Балкан при ИРЗ.
Во рамките на панел-дискусиите ќе учествуваат претседатели и судии на уставните судови од регионот, меѓу кои Мирсад Ќеман, претседател на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија Татјана Васиќ-Бозаџиева и Осман Кадриу, како и претставници на уставните судови на Црна Гора и Србија.
Свое излагање ќе има и Winfried Schubert, поранешен претседател на Уставниот суд на сојузната покраина Бранденбург и поранешен претседател на Вишиот покраински суд во Наумбург, кој ќе говори за развојот и улогата на германското уставно судство, неговата јавна прифатеност, предизвиците и институционалната отпорност.
На конференцијата ќе присуствуваат и претставници на ИРЗ, дипломатскиот кор, академската заедница и судии.
Фото: прес-материјал од настанот


