Утре во Општина Центар: јавна презентација на нацрт‑ДУП за „Барутана“ на Водно
Утрешната презентација е за нацрт‑ДУП Ј05; граѓаните можат да ги разгледаат материјалите во ООУ „Кочо Рацин“ и да поднесат забелешки до 14 септември.

Општина Центар соопшти дека утре, 3 септември, во 12 часот во барака 6 на општинската зграда ќе се одржи јавна презентација на нацрт‑деталниот урбанистички план (ДУП) Ј05 за просторот познат како „Барутана“ на падините на Водно.
Изложба и јавна анкета
Нацрт‑планот е изложен во просториите на ООУ „Кочо Рацин“, каде што заинтересираните може секој работен ден од 8 до 16 часот да ги разгледаат планските решенија и да пополнат анкетни листови.
Јавната анкета за ДУП‑от е отворена и трае до 14 септември. Во неа можат да учествуваат жителите и правните лица од опфатот на планот, како и од соседните подрачја, со доставување забелешки, предлози и мислења.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика граѓаните активно да се вклучат во процесот. „Ги повикувам сите заинтересирани граѓани утре да дојдат на јавната презентација, да се информираат и да ги кажат своите забелешки и предлози. Сакаме плановите што ги носиме да бидат резултат на отворен и транспарентен процес во кој граѓаните имаат можност да учествуваат и да го кажат своето мислење“, напиша тој на Фејсбук.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на новинарско прашање по промоцијата на првата линија на „Градскиот воз“ изјави дека Градот дал мислење за планот уште лани, за време на претходната градска администрација. „Свикав Комисија за урбанизам и разговарав со членовите. Доколку постои правен лек да реагираме, ќе го сториме истото. Во наредниот период ќе се признесеме на оваа тема. Но, морам да потенцирам дека целата постапка ја води Општина Центар и немам детали околу тој ДУП. Град Скопје дава само мислење дали конкретен ДУП е во согласност со параметрите на Генералниот урбанистички план (ГУП). Тие планови ниту ги носи ниту ги прави Градот Скопје“, рече Ѓорѓиевски.
Локалната група „Шанса за Центар“ објави петиција со која ги повикува граѓаните да побараат повлекување на нацрт‑ДУП‑от за „Барутана“. Општинските служби ги охрабруваат жителите да ја искористат можноста и да достават забелешки и предлози до крајот на јавната анкета.
Фото: Фејсбук


