В сабота мирен протест во Охрид против фемицидот и институционалното непостапување
Маршот почнува од плоштадот „Св. Климент Охридски“ и завршува пред Основниот суд – организаторите бараат одговорност по последниот случај.

В сабота од 12 до 14 часот на плоштадот „Св. Климент Охридски“ во Охрид ќе се одржи мирен граѓански протест против фемицидот, родово базираното и семејно насилство и институционалното непостапување.
Организаторите: гнев и загриженост поради последниот случај
Како што велат организаторите во објава на Инстаграм, протестот е поттикнат од гневот и загриженоста поради сеприсутното насилство врз жените, но и од последниот случај што го потресе Охрид. „Овој случај не потсети дека насилството не се случува само некаде таму, туку блиску до нас, можеби и меѓу луѓето што ги познаваме“, се вели во објавата.
Во најавата е наведено дека маршот ќе почне од плоштадот „Св. Климент Охридски“, ќе продолжи низ охридската чаршија до СВР Охрид, по булеварот „Македонски просветители“ и ќе заврши пред Основниот суд Охрид. „Преку глава ни е од молк, оправдувања и институции што не реагираат навреме. Доста е! Охрид нема да молчит!“, се додава во објавата.
Протестот е организиран по случајот со 26-годишната охриѓанка Сара, која беше претепана од нејзиниот партнер; од силината на ударите таа изгубила свест и паднала, по што била хоспитализирана со тешки телесни повреди. Во вторник исто така се одржа протест пред полициската станица во Охрид, организиран од Форумот на жени на СДСМ, иако семејството на девојката побара случајот да не се политизира.
Од Форумот порачаа дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат и побараа одговорност и институционална реакција. На протестот пред полициската станица беше истакната порака: „Правдата нема партиско знаме“.
На барање на Обвинителството, Основниот суд во Охрид му одреди 30-дневен притвор на 31-годишниот охриѓанец К.К., против кого е поднесено обвинение за нападот врз својата 26-годишната партнерка.
Фото: прес-материјал од настанот


