Почетна
Спорт

Васил Ташовски: Со игрите и настапите посакувам да стигнам и до А репрезентацијата на Македонија

19-годишниот играч пониша со голови против Земун и Партизан и со форма што го поставува на карта за повик во А-репрезентацијата.

·Спорт
Васил Ташовски: Со игрите и настапите посакувам да стигнам и до А репрезентацијата на Македонија

Со 19 години, Васил Ташовски успеа да се наметне во стартниот тим на Младост Лучани и во почетокот од сезоната да остави впечаток со одлучни настапи што го кренаа интересот и надвор од рамките на српскиот шампионат.

Младото име што ги претвора минутажата и шансите во голови

На стартот од кампањата доби сериозна минутажа и во два последователни натпревари се запиша во листата на стрелците: постигна гол во самиот финиш за 0:1 против Земун, а потоа беше запаметен и во победата од 3:1 против Партизан. Таа низа донесе дополнителен сјај на неговата форма и отворa нови перспективи.

„Благодарност што се сетивте на мене. Благодарност за честитките кои што ми ги упатувате. Навистина ми значи во моментов, бидејќи ете, конечно, мојата напорна работа сиве овие години почнува да дава резултати на вистински начин. Дали сум среќен? Како не би бил. Добив шанса, еве ја користам и сè оди во најдобар ред во моментов. Се надевам дека вака ќе продолжи. Головите, минутажата? Сè е во насока на мојот развој. Тие се само уште поголема мотивација да продолжам понатаму…“, вели Васил Ташовски.

Фудбалската патека на Ташовски минува преку чукаричка школа во Белград, краток престој во Партизан и првите сениорски минути во Напредак Крушевац, пред да се пресели во Младост. Тој оценува дека клубот и соиграчите му дадоа простор и доверба во пресудниот период.

„Не само јас, и во клубот се презадоволни од она што во моментов се случува. Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам за тоа. Навистина ми значи кога некој отворено ме поддржува, ми дава дополнителна мотивација и верува во мене. Ќе вратам најдобро што можам“, додава Ташовски.

На репрезентативно ниво веќе има повик во У20-селекцијата на Македонија од селекторот Александар Таневски и дебитираше во тимот. За повик во А-репрезентацијата тој се изрази воздржано, но амбициозно.

„Што се однесува до репрезентацијата, искрено, мора да видиме како ќе се одвиваат нештата. Се надевам дека со игрите во последно време го свртев вниманието врз себе. Евентуалниот повик за А-репрезентацијата е сериозна работа, голема работа. Се надевам дека и тоа еден ден ќе се оствари. Сепак, за таков голем успех во кариерата ќе мора да продолжам во вакво темпо. Да продолжам да се развивам, да напредувам и да дадам сè од себе, најдобро што можам“, ни вели Васил Ташовски.

Фото: Архивата е на Младост лучани

Поврзани написи