Почетна
Македонија

Велешани се жалат дека секојдневно чувствуваат земјотреси поради изградбата на подземната катна гаража, изведувачот вели дека ќе заврши за десетина дена

Жителите и службениците од судските институции чувствуваат по десетина земјотреси дневно; изведувачот и градоначалникот даваат рокови и причини.

·Македонија
Велешани се жалат дека секојдневно чувствуваат земјотреси поради изградбата на подземната катна гаража, изведувачот вели дека ќе заврши за десетина дена

Велешани кои живеат во близина на градилиштето на подземната катна гаража велат дека веќе околу еден месец чувствуваат повторувачки потреси, понекогаш и по десетина мали земјотреси дневно. Најпогодени се жителите од улиците 8 Септември и Гоце Делчев, но и вработените во Основниот суд, Јавното обвинителство и правобранителството во Велес.

„Живееме под стрес, не е ни малку пријатно еден месец да живееме со земјотреси, кои станаа наше секојдневие. Знаеме дека е од изградбата на подземната гаража, но има ли начин тоа да не се случува толку долго и често“, велат велешани кои живеат во соседството на објектот.

Од изведувачот појаснуваат дека вибрациите потекнуваат од неопходни подготовителни работи за темелење и дека интензивната фаза ќе заврши наскоро.

„Се работи на подготвување на тампонската подлога, на која ќе се врши темелењето, фундирањето на катната гаража. Методологијата на изведба налага дека тоа е неопходно за да има добра и квалитена изведба. Набивањето мора да биде добро направено со вибрации. Во моментов, завршени се околу 70 отсто од тие неопходни работи, вградување на тампонски материјал. Останатиот дел ќе се заврши за не повеќе од недела и пол“, рече Филип Совиновски од „Стентон градба“.

Технички податоци и финансии

Подземната катна гаража има површина од 1.508 квадратни метри, е со три нивоа и се наоѓа 15 метри под земја. Ќе има капацитет за паркирање на 100 возила. Вкупната вредност на проектот е 221 милион денари, од кои 132 милиони се за подземната гаража, а 91 милион за плоштадот; средствата ги обезбеди Владата од кредит од Унгарија.

Градоначалникот Марко Колев истакна дека на градилиштето имало низа компликации: била пронајдена бомба од Втората светска војна, МВР и Министерството за одбрана вршеле испитувања за евентуални други заостанати експлозивни средства, почвата на некои места била несинхронизирана (песок на едно место, цврста земја на друго), а интензивниот сообраќај го отежнувал движењето на тешките камиони. Исто така биле спроведени заштити од подземни води од Вардар. „Изминатиот период беше многу тежок. Најдоа бомба од Втората светска војна. Потоа МВР и Министерството за одбрана вршеа испитување дали има други заостанати експлозивни средства на овој простор. Имаше земја со несинхронизиран состав, некаде песок, на друго место цврста земја. Централното градско подрачје со интензивниот сообраќај ја отежна изградбата во однос на влез и излез на тешките камиони од градилиштето. Се правеше заштита од подземни води од Вардар. Важно е што потешките работи се зад нас. Се надевам дека во средината на 2027 година подземната катна гаража и плоштадот ќе бидат завршени и ставени во функција“, кажа Колев.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи