Велешката „Кристал 1923“ откупи 6.600 тони сончоглед, вклучувајќи 600 тони од Грција
Фабриката преработи 4.100 тони домашен сончоглед; вкупниот откуп е помал од лани (7,3 илјади тони).

Велешката фабрика за масло за јадење „Кристал 1923“ откупи вкупно 6.600 тони сончоглед. Од тоа 4.100 тони се од Македонија, 1.100 тони од Србија, 800 тони од Косово, а за првпат, 600 тони, дојдоа од Грција. Откупената количина е помала од ланската, кога беа преработени 7,3 илјади тони.
Фабриката предупредува за ризици за производство и стручен кадар
„Целокупниот род од Македонија годинава заврши во фабриката, иако претходните години дел се продаваше во Грција. Годинава за првпат откупивме сончоглед од кај нив. Ова количество е доволно за производство за два и пол до три месеци. Ние сме единствената фабрика за масло за јадење во Македонија која го преработува сончогледот. Пред 40-ина години фабриката откупувала 40.000 тони сончоглед и го преработувала 12 месеци“, вели Олгица Стојанова, директорка за производство во велешка „Маслодајна“.
Раководството посочува дека намалениот откуп веќе создава проблеми во работењето. Три години по покачувањето на ДДВ-то на сончогледот на 10 отсто, тоа не е намалено, и покрај реакциите на фабриката. Таквата пракса, велат во компанијата, штетно влијае врз одгледувачите и врз работата на единствениот производител на масло за јадење преработено од сончоглед. За разлика од тоа, ДДВ-то на суровото масло што се увезува е само пет отсто; за раководството тоа е нелогична економска одлука на претходната влада што сегашната не ја коригирала.
„Имаме проблем со екстракцијата бидејќи вработените се ангажирани само три месеци. Тоа е специфична работа со хексан, не може секој да ја работи, треба обука од 2-3 години и ако продолжи намалувањето на откупот на сончогледот, повеќе ќе ни се исплати да купуваме нерафинирано масло и да го преработуваме како останатите фабрики во земјава. Ако го отфрлиме сончогледот и повеќе не го преработуваме, тешко дека ќе се врати во македонските полиња. Ќе ја доживее судбината на памукот и шеќерната репка“, вели Горан Лазов, директор на „Кристал 1923“.
Земјоделците ја користат културата во плодоред за да ги одржуваат приносите. Агрономите додаваат дека маслодајната репка би можела да биде алтернатива за плодоредот, но речиси не се одгледува во земјата иако дава квалитетно масло за јадење.
„Субвенциите ги намалија од 200 евра по хектар на 100 евра, а премијата за предаден сончоглед од пет денари за килограм ја укинаа. Единствено ‘Маслодајна‘ ги исплатува сите обврски навреме. Родот годинава зависи од регионот, некаде беше добар, по тон и пол од хектар, некаде лош, 800 килограми од хектар. Нема правило, зависи од почвата и временските услови“, кажа Митат Исмаиловски, земјоделец од Пелагонија.
И земјоделците и раководството на „Кристал 1923“ очекуваат државата и Министерството за земјоделство да постават стратегија за развој на гранката, за да не се случува увозот да расте на штета на домашното производство за кое се издвојуваат сериозни средства преку субвенции.
Фото: СДК.МК)


