Велика Гоцевска: Горда сум на успесите на мојот клуб, Фламинго Волеј за мене е многу повеќе од одбојка
Основачката и тренерка Велика Гоцевска раскажува како клубот од 2018 година порасна од работа со деца до место во елитата.

Велика Гоцевска, поранешна репрезентативка која денес е основач, претседател и тренер, ја води екипата Фламинго Волеј Скопје која во новата сезона ќе се натпреварува во женската елитна одбојкарска лига на Македонија. Во интервју за „Женски Спортски Приказни“ таа раскажува како враќањето по мајчинството во 2018 година прераснало во проект што од флаери и основни реквизити пораснал до клуб со школа и прв тим кој се искачи до Прва лига.
Од пауза до проект: како се роди Фламинго
Гоцевска вели дека идејата ја добила откако направила пауза од терените поради мајчинство. Таа го опиша процесот на основање здружение, купување на потребната опрема и, со помош на пријателка по име Цаци, ангажирање на деца преку делење флаери по училишта: „После неколку години пауза од одбојкарските терени поради мајчинство, во 2018 година ми се појави голема желба да се вратам во сала и да го правам тоа што ме исполнува, а тоа е одбојката.”
Работата, вели таа, била скромна, но постојана — месец по месец се придружувале нови деца на тренинзите, тренерите посветувале внимание на секој играч и по првата година проектот добил замав.
И денес Велика комбинира повеќе улоги, но најмногу ја исполнува работата со најмладите: „Да, или што би се рекло три во едно, а може и повеќе знаејќи колку улоги имам во тимот. Сепак најдрага и сеуште најмногу ме исполнува директната работа со најмалите наши членови, односно тренер на почетниците, на оние кои штотуку се запознаваат со одбојката како спорт. Целта ми е уште од мали да го засакаат спортот, одбојката, магијата која што ја нуди дружењето со деца во сала. Заради тоа и го основав клубот и после толку години сеуште ме држи тоа. Особено кога гледате од ден на ден како напредува некое девојче, како расте и се развива во добра одбојкарка, тоа чувство нема цена.”
Патот до Прва лига, вели таа, не бил лесен — зад клубот стојат часови поминати во сала, одлуки и трпение. Gocevska истакнува дека многу од успехот се должи на играчите од сопствената школа: „Нашиот успех и раст се должи голем дел на играчите од нашата школа и на тоа сум неизмерно горда.” Таа ја пофали и посветеноста на тренерите кои работат за да извлечат максимум од секој тренинг.
Покрај спортските резултати, Велика нагласува дека Фламинго треба да формира карактер и вредности кај девојките — дисциплина, одговорност, тимска работа и верба во себе. „Не мора сите еден ден да бидат професионални одбојкарки, но би сакала сите да излезат од Фламинго посилни, посамостојни и поспремни за предизвиците што ги носи животот. Ако утре ги гледаме како успешни жени, секоја во својата област, и знаеме дека Фламинго придонел барем малку во тоа какви личности станале – за мене тоа ќе биде најголемиот успех.”
На прашањето што ќе ја натера да каже дека целта е остварена, таа нагласува дека најпрво сака клубот да стане стабилен и одржлив, со јасна организација и услови за работа. Тогаш, според неа: „Еве, тоа е тоа.”
Во интервјуто таа зборува и за балансирањето меѓу семејството, работата и обврските во клубот — како често работи повеќе задачи истовремено, а семејството понекогаш ја следи во сала за да бидат заедно додека таа ги завршува обврските.
Фото: прес-материјал од настанот


