Вештаци на судењето во Велес: предното десно тркало е оштетено од удар, не предходно
Вештаците на судењето во Велес ги отфрлија тврдењата на одбраната дека оштетувањето постоело пред тргнувањето.

Двајцата вештаци кои сведочеа пред Основниот суд Велес кажаа дека оштетувањата на предното десно тркало и погонското полувратило на комбето се резултат на удар во банкината, а не на претходен дефект. Судскиот процес се однесува на сообраќајката од 16 октомври 2024 година во која загинаа три лица, а четворица беа повредени, меѓу кои и обвинетиот Орце Димитриев.
Вештакот: полувратилото се скршило поради аксијална сила од удар
„Оштетувањето на деловите од подвозјето на предното десно тркало, погонско полувратило, се резултат на удар во банкината. Ја исклучувам можноста тоа да се скршило пред да настане ударот. Неговото кршење е резултат на голема аксијална сила, повторно како резултат на ударот и мое мислење е дека кршењето е настанaто како резултат на ударот, не поради вртежниот момент што го пренесува ова полувратило. Ако кршењето на полувратникот се случило во текот на возењето како резултат на вртежен момент, тој не би го имал овој изглед“, кажа сведокот Дејан Брковски, машински инженер.
Вештакот за сообраќајни прашања, Душко Павловски, го потврди заклучокот и оцени дека оштетувањето одредено може да се припише на удар. „Bакво оштетување на предното десно тркало можело да настане од удар. Од тиe причини, како можност е отфрлено тоа оштетување да се случило пред ударите на возилото во банкината. Во однос на патниците кои не биле осигурани со сигурносен појас, тој не дава максимална заштита, проектиран е да го намали ризикот. Тоа не е пропуст поради кој може да се случи незгода, неносењето појас може да има влијание врз штетните последици“, кажа Душко Павловски, вештак сообраќаен инженер.
Павловски објасни и зошто на фотографиите возилото на едно место изгледало како да гребело по десната страна, а на друга фотографија било статично на четири тркала. „Возилото било превртено кон коловозот на десната страна, а потоа исправено на тркала, бидејќи присутните забележале дека имало патник под него. Тое бил третиот починат, па луѓето го исправиле комбето на тркала за да стигнат до телото“, дополни Павловски.
На рочиштето сведочеше и обвинетиот Орце Димитриев, кој го изложи својот опис на настанот и работните услови. Тој рече дека четири години работел во фирмата на работно место бравар и често имал долги работни смени. „Не постоше распоред кој да го вози комбето. Немаше кој да ги вози колегите некое време, па се менувавме со сега починатиот Ангел. Немавме обврска некого да информираме дека завршивме со работа и се враќаме дома за Велес. Критичниот ден одевме преку Јурумлери. Се вклучив на автопатот, веќе фаќаше мрак, крај на октомври беше. Никој од патниците не беше врзан со сигурносен појас. Во продолжението на возењето забележав дека нешто се случува со десниот дел од комбето. Ме влечеше кон провалијата. Инстинктивно, да не пропаднеме во провалијата, скршнав налево и толку се сеќавам. Се здобив со тешка телесна повреда, десниот колк ми беше излезен од лежиштето. Комбето претходно имаше дефекти, имаше и сообраќајка. Мене ми зариба пред Велес. Вратата ми има испаднато. Од фирмата не го носеа на соодветен мајстор, туку го поправаа на примитивен начин. Многупати барав друго возило, газдите одбиваа со образложение дека е соодветно за возење меѓу два града“, кажа Димитриев.
Неговото тврдење дека тој возел и на одење и на враќање предизвика гласни реакции кај присутните — роднини на загинатите и повредените. Тие претходно сведочеа дека обвинетиот го симнал Ангел од возачкото место без потреба за тој да управува со возилото. Димитриев, пак, рече дека додека тој возел немало реакции од колегите, иако на претходните рочишта повеќе сведоци изјавиле дека го пријавувале кај газдите.
Обвинителството го товари Димитриев за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и тврди дека делото било сторено со умисла. Според обвинението, тој не се придржувал до сообраќајните прописи и го загрозил јавниот сообраќај, направил пропусти и возел со брзина од околу 104 км/час, иако утврдената брзина била 70 км/час. Исто така, обвинението посочува дека возел под дејство на психотропни супстанци и изгубил контрола; во анализите на крвта и урината е утврдено присуство на овие средства.
Сообраќајката се случи на 16 октомври 2024 во 17:35 часот на автопатот Скопје–Велес, кај тунелот Катланово. П. ПЕЧКОВ
Фото: СДК:МК)


