Почетна
Македонија

Вештаците го образложија психичниот статус на обвинетиот Трајко Бојковски

Тројца психијатри доставија извештај дека обвинетиот има психопатски карактеристики и опасност од повторување на делото.

·Македонија
Вештаците го образложија психичниот статус на обвинетиот Трајко Бојковски

Продолжува судењето на обвинетиот сериски убиец Трајко Бојковски пред Основниот суд во Куманово, каде тројца психијатри што го испитувале со недели ги доставија своите наоди.

Во писмениот извештај експертите заклучиле дека обвинетиот е пресметлив. Адвокатот доделен по службена должност побара на Бојковски наместо во затвор да му биде изречена мерка со престој и лекување во психијатриска установа, поради тоа што постои опасност делото да се повтори.

Што утврдиле вештаците

Во заклучокот докторите утврдиле дека се работи за личност со психопатски карактеристики, со неконтролирани сексуални и некрофилски нагони, која не се кае и нема емпатија кон жртвите. Обвинителството му се спротивстави на барањето на одбраната, поради тоа што во истите извештаи стои дека осомничениот бил пресметлив и точно знаел што прави.

Бојковски е обвинет за извршување на четири убиства и два обиди за убиство. Според обвинението, мотивите биле омраза кон жените и некрофилски пориви: ги убивал, а потоа мртви ги силувал. Три од жртвите биле повозрасни, а една помлада. Сите убиства и напади, како што е наведено, се случиле во рок од една година, а докторите никогаш не побарале обдукција.

За двајца кумановски мртвопроверители има поднесена кривична пријава; нивниот предмет беше преземен од скопското обвинителство по барање на обвинителот од Куманово. На претходното рочиште две старици кои преживеале насилство од Бојковски сведочеа емотивно, опишувајќи ја траумата која ја доживеале со срам и страв.

Билјана Николовска

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи