Почетна
Балкан

Видео: Битка против семејното насилство и крвната одмазда — проекти претставени во Подгорица

Проекти во Албанија, Босна и Македонија спојуваат бесплатна правна помош и медиумски акции за справување со семејно насилство и крвна одмазда.

·Балкан
Видео: Битка против семејното насилство и крвната одмазда — проекти претставени во Подгорица

Педесетина граѓански организации и креатори на содржини од државите на Западен Балкан се состанаа во Подгорица за да ги презентираат резултатите од проекти поддржани од програмата „ЕУ за тебе“ на Генералниот Секретаријат за проширување. Проектите опфаќаа бесплатна правна помош за жртвите на семејно насилство и крвна одмазда, олеснување на пристапот до институциите и медиумско поврзување со цел решавање системски проблеми.

Примери од терен

Ања Баша, новинарка и активистка за човекови права која живее и работи во Тирана, кажа дека нејзината организација „Група за човекови права“ го основала центарот за поплаки и со години работи со семејства погодени од крвна одмазда. „Го основаме центарот за поплаки, каде граѓаните доаѓаа и во тоа време многу работевме со предмети на крвна одмазда, бидејќи во Албанија има крвна одмазда и канонот кој се уште се почитува во северниот дел од државата. Особено случаите на крвната одмазда беа многу битни бидејќи албанскиот правосуден систем не успеа целосно да ги исцрпи. Тие мораа да одат во Стразбур. Ние имавме четири предмети кои ги испративме во Стразбур, со правни застапници за сите случаи како во албанскиот правосуден систем така и ги подготвуваме луѓето да работат со нашите адвокати за случаите во Стразбур“, вели Баша.

Таа додаде дека семејното насилство останува сериозен проблем во албанското општество. „Слушаме за толку страшни случаи, дури и еден да се случи тогаш јас мислам дека е доволно да биде голем проблем (за општеството). Има помалку но воопшто не велам дека е помалку битно“, додаде таа.

Во Босна и Херцеговина, Маида Муминовиќ и нејзиниот „Медија центар“ презентираа проект кој не нуди директна правна помош, туку ги поврзува заедниците со истражувачки редакции и новинари за да се истражуваат и пласираат системските проблеми. „Со овој мал додатен напор, да ги соберете претставниците на организациите кои ја познаваат својата заедница, кои ги познаваат проблемите, кои имаат одлични соговорници, кои имаат одлични податоци и да ги запознаете со новинарите и тие заедно да работат на некоја приказна, граѓанските здруженија, активистите и за човекови права како извор на информација, како ресурс за веродостојни информации за проблеми во заедницата настанува добра и квалитетна приказна. Во овој конкретен пристап форсиравме новинарство базирано на решенија. Лошата страна на овој пристап е, секогаш постои лоша страна, е што овој пристап бара време, бара средства и ресурси што денеска е голем луксуз. Можеби најголем луксуз е времето на новинарите од редакциите кое ќе го одвојат за да го поминат со тие луѓе од граѓанските здруженија“, изјави Муминовиќ.

Во Македонија, Институтот за човекови права преку проектот „ЕУ за тебе“ нуди бесплатна правна помош и се обидува да го олесни пристапот на граѓаните до институциите и судовите, особено за ранливите категории. „Имавме случај со затвореник кој ни се јави заради физичко насилство од двајца полицајци. Го пријавивме случајот кај Омбудсманот, му помогнавме да поднесе пријава. Токму пред извесно време бевме известени од Омбудсманот, кои отворија истрага, беа во затворот и собраа докази, ги поднесоа до Обвинителство и има пресуда против полицајците. Утврдија дека имало физичко насилство“, изјави Чекреџи.

Институтот, исто така, има два македонски предмети во постапка пред Стразбур: „Имаме два предмети кои се во постапка пред Стразбур. Уште нема одлука, меѓутоа се разгледуваат од судот. Едното е за случај каде што лице аплицира за инвалидска пензија меѓутоа дознава дека надоместоците не се плаќани и не може да си го оствари тоа право. Стразбур е место каде што се оди кога веќе дома нема што да правци. Се си исцрпил, се си пробал и ова е еден вид на последна шанса. Вториот случај е со лице кое добивал надоместок за невработеност и потоа државата му ги бара парите назад“, додаде Чекреџи.

На работилницата беа презентирани повеќе од 40 проекти спроведени во Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Организаторите велат дека комбинирањето на директна правна помош, институционален притисок и медиумски пристапи може да ги осветли системските недостатоци и да помогне граѓаните да бараат правда и реформи на национално и европско ниво.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи