Почетна
Спорт

Виз Ер Скопски маратон 2026 — рекордни 15.050 учесници од 63 земји

На 4 октомври Скопје ќе ја пречека рекордната бројка од 15.050 тркачи од 63 земји; организаторите и институциите најавија целосна поддршка.

·Спорт
Виз Ер Скопски маратон 2026 — рекордни 15.050 учесници од 63 земји

Сè е подготвено за 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, кое ќе се одржи во недела, 4 октомври 2026 година. На прес-конференцијата што се одржа на 1 октомври 2026 во Europe House беа соопштени најважните детали за организацијата и очекувањата за натпреварот.

Ова издание носи рекорд — 15.050 пријавени учесници од 63 земји. Покрај елитните тркачи, во стартот ќе има масовни категории, рекреативци и поддржувачи; по бројност, по Македонците следуваат тркачи од Србија, Германија, Велика Британија и Турција.

За значењето на маратонот за градот зборуваше Зоран Стојановиќ, претседател на Сојузот на спортови на Скопје: „Виз Ер Скопскиот маратон е спортска традиција која со секое ново издание го обединува Скопје. Оваа година имаме рекорден број учесници и голем број тркачи од странство, што е потврда дека маратонот има свое место на меѓународната спортска мапа. Нашата цел е сите учесници да имаат одлични услови за трката и да понесат убаво искуство од Скопје.“

Трки и логистика

Годинешното издание повторно вклучува четири трки: маратон на 42,195 километри, полумаратон на 21 километар, трка на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетна трка. Организаторите предупредија дека рекордниот број пријавени е голем предизвик, но и дополнителна мотивација за тимот.

Министерот за спорт Борко Ристовски нагласи: „Маратонот е пример како спортот може да ги обедини граѓаните и да испрати позитивна порака до целото општество. Министерството за спорт продолжува да ги поддржува настаните кои го промовираат спортот и активното учество на граѓаните , “ додека заменик-шефот на Мисијата на ЕУ во Македонија, Бен Нупнау, подвлече: „Голема чест и задоволство е за нас што и оваа година ја поддржуваме оваа голема спортска манифестација. Спортот ги поврзува луѓето без оглед на нивното потекло и граници, а Виз Ер Скопскиот маратон е убав пример за тоа како еден настан може да ги поврзе Скопје, државата и европската спортска заедница.“

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски потврди градска поддршка и ги повика граѓаните да бидат дел од атмосферата: „Град Скопје ја дава својата целосна поддршка на маратонот, со сета расположливост на јавните претпријатија и службите кои се вклучени во организацијата, за настанот да помине безбедно и во најдобар ред. Ги повикувам скопјани да излезат, да ги бодрат тркачите и да бидат дел од енергијата која го прави маратонот посебен.“

Спортскиот директор Кире Синадиновски истакна дека рекордниот број пријавени е предизвик и мотивација: „Со рекордниот број пријавени учесници, ова е голем предизвик за сите нас, но и голема мотивација. На 4 октомври очекуваме уште едно големо тркачко доживување и ги повикуваме сите да бидат дел од него.“

Организаторите, пред сè, го истакнаа ангажманот на волонтерите — Гордана Николовска посочи дека околу 500 волонтери ќе бидат распоредени долж патеките и ќе го помогнат одвивањето на настанот: „Зад секое издание на Скопскиот маратон стои голем број луѓе кои посветено работат со месеци. Оваа година имаме околу 500 волонтери кои ќе бидат на различни позиции долж патеките и ќе бидат важен дел од целата организација. Од организацискиот тим и волонтерите, до институциите, партнерите и сите кои ја поддржуваат трката – секој има свој удел во успехот на маратонот.“

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи