Почетна
Македонија

Влада ја усвои Стратегијата за геолошки истражувања и минерали 2026–2046

Стратегијата поставува приоритети за модерни истражувања, домашна преработка и заштита на животната средина.

·Македонија
Влада ја усвои Стратегијата за геолошки истражувања и минерали 2026–2046

Владата на Република Македонија го усвоила Долгорочниот план за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини за периодот 2026–2046, објави Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Документот ги поставува приоритетите за современи геолошки истражувања, одговорно користење на минералното богатство и условите за долгорочни вложувања.

Клучни приоритети

Стратегијата има за цел геолошкиот потенцијал да се претвори во инвестиции, индустриски развој, нови работни места и поголема додадена вредност за домашната економија. Како примарни ресурси се наведени металите и индустриските камења: олово, цинк, бакар, злато, антимон и никел, како и мермер, травертин, гранит и варовник.

-Македонија располага со разновиден геолошки потенцијал, во кој се олово, цинк, бакар, злато, антимон и никел, како и мермер, травертин, гранит и варовник. Еден од главните приоритети е поголем дел од економската вредност да се создава во земјата. Тоа подразбира поголема поврзаност на рударството со домашното производство, развој на преработувачки и други индустриски капацитети и примена на современи технологии. Подобреното геолошко истражување ќе овозможи попрецизно утврдување на потенцијалот и навремено планирање на идните вложувања. Со тоа се отвора простор за нови деловни активности и јакнење на домашните производни капацитети,

Во стратегијата се нагласени и повисоки стандарди за заштита на животната средина, транспарентност и заштита на јавниот интерес. Документот е усогласен и со европските политики, вклучително и Европскиот акт за критични суровини, што отвора можности за поголемо вклучување на Македонија во европските индустриски синџири.

Стратегијата е подготвена преку стручна соработка на Македонската академија на науките и уметностите и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со учество на експерти и консултации со релевантни институции и стручната јавност. Таа е донесена од Владата по предлог на Министерството и претставува долгорочна рамка за развојот на геолошките истражувања и рударството до 2046 година.

-Со овој документ се создава основа минералното богатство да не биде само предмет на експлоатација, туку двигател на домашната индустрија, инвестициите и долгорочниот економски развој, со одговорно управување и зачувување на животната средина,

објави Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Стратегијата треба да привлече долгорочни вложувања и да воведе повисоки еколошки и регулаторни стандарди во секторот.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи