Почетна
Политика

Влада: Раст на БДП од 4,3 проценти – опозиција: Нè задолживте за дополнителни четири милијарди евра

Министерката за финансии го поврза растот со инвестиции, увоз и извоз и градежништво; опозицијата тврди дека владата ја зголемила задолженоста за милијарди.

·Политика
Влада: Раст на БДП од 4,3 проценти – опозиција: Нè задолживте за дополнителни четири милијарди евра

Државниот завод за статистика пресмета раст на БДП од 4,3 проценти во вториот квартал, споредено со истиот период лани. Министерката за финансии го оцени кварталот како еден од најсилните во последните две и пол години и го поврза растот со поголемата инвестициска активност, унгарскиот кредит, како и зголемувањето на надворешната трговија и градежништвото.

„Структурата на БДП покажува дека растот има широка основа и поддржан е од повеќе сегменти на економијата. Особено силен импулс доаѓа од инвестициите. Бруто инвестициите во вториот квартал бележат реален раст од 16,5 проценти што укажува на засилена инвестициска активност во економијата. Позитивни се движењата и во надворешната трговија. Извозот на стоки и услуги реално е зголемен за 10,4 проценти што претставува дополнително забрзување. Позитивни резултати се забележуваат и на производната страна, градежништвото бележи силен раст од 21,9 проценти“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, министерка за финансии.

Опозицијата тврди дека власта криела нови долгови

СДСМ ги обвини премиерот Мицкоски и министерката за финансии дека кријат долг од 350 милиони евра на ЈПДП и дека од јавноста кријат ново задолжување од 1,3 милијарди евра кое поминало на седница на Владата одржана на 31 август. Пресметките на опозицијата се дека во изминатите две години власта предводена од Мицкоски ја задолжила државата за дополнителни четири милијарди евра.

„Милијарда и триста милиони евра нов долг со кој што вкупниот долг на земјава, ќе порасне на досега рекордни, никогаш недостигнати, речиси 12 милијарди евра од кои над четири милијарди се нов долг само во изминатите две и пол години од власта на Христијан Мицкоски. Со тоа, долгот ќе порасне на 65 проценти, повторно рекордни, од БДП. Оваа власт нема ниту капацитет, ниту стратегија, ниту желба да направи нешто добро за граѓаните“, обвини Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Министерката Димитриеска-Кочоска возврати дека новото задолжување е наменето за покривање обврски оставени од претходната влада.

„Долгот кој што опозицијата го остави за 2027 година е речиси 1,5 милијарди евра. Тоа се долгови кои што тие ги имаат направено и треба да ги вратиме. И легитимно е дека мора навремено да се организираме, да обезбедиме средства за да ги вратиме старите долгови“, возврати Димитриеска-Кочоска.

Покрај фискалниот спор, СДСМ најави повторно поднесување законско решение за зголемување на минималната плата на 600 евра и предлог за субвенционирање на придонесите на приватните компании за разликата што произлегува од зголемувањето.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи