Владата ќе користи грант и кредит од ЕУ за изградба на третата фаза од пругата кон Бугарија
Договорени се грант од 149 милиони евра и 175 милиони евра кредити; последната фаза од пругата е долга 22 км и вклучува 21 тунел и 52 мостови и вијадукти.

Владата денеска склучи договори со Европската Унија и меѓународни банки за да обезбеди финансирање за третата, последна фаза од пругата кон Бугарија, откако претходно беа изгубени планираните средства од ИПА фондовите.
Пакетот вклучува грант од ЕУ во висина од 149 милиони евра и кредити од 175 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
„Со поддршка на нашите партнери, вклучително и ЕИБ и ЕУ, овој проект ќе ја приближи земјата до нејзините соседи и до Европа, ќе го направи патувањето полесно, а со тоа и можностите ,“ рече директорот на ЕБОР за Македонија Фатих Туркменоглу.
Сложен градежен предизвик
Последната фаза е долга околу 22 километри и според македонските власти претставува сложен инфраструктурен проект кој предвидува вкупно 21 тунел и 52 мостови и вијадукти. Во моментов се врши проверка на понудите од фирмите за надзор, а објавувањето на повикот за избор на изведувач е најавено за месецов; целта е изградбата да почне до крајот на годинава.
Исто така, останува нерешено прашањето за прекуграничниот тунел долж од околу 3 километри на границата со Бугарија, за кој двете држави се договорија да изготват заеднички проект и да побараат заедничко финансирање. "Успеавме да постигнеме договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел. Очекуваме на крајот од месецот втор меѓувладин состанок во Скопје, по кој двете држави ќе испратат заедничко барање до ЕУ, ЕИБ и до ЕБОР за обезбедување грант за изградба на тунелот," рече министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
Од опозициската СДСМ реагираат дека власта се фали со туѓа работа и дека е одговорна за губењето на претходните пари од ИПА. „– Бидејќи две години не знаат што со себе Македонија изгуби 60 милиони евра од европските ИПА фондови кои се дел од финансиската конструкција. Сега Мицкоски ги вади останатите пари и ги претставуваат како своја „нова инвестиција ,“ велат од СДСМ. Пругата кон Бугарија е повеќедецениски проект: првиот воз кон Бугарија требаше да тргне одамна, изградбата почна во средината на 1990-тите, за потоа да запре и да се обнови со слаб интензитет; од минатата година е пуштен во функција првиот сегмент од Куманово до Бељаковце, додека делот од Бељаковце до Крива Паланка сè уште се гради.
Фото: прес-материјал од настанот