Почетна
Македонија

Владата предлага Фондот за осигурување да управува два фонда и да воведе петгодишен рок за исплати

Измените предвидуваат два одделни фонда под ист управител и рок од пет години за подигнување на обесштетувањата по одземање на дозволата.

·Македонија
Владата предлага Фондот за осигурување да управува два фонда и да воведе петгодишен рок за исплати

Владата предложи измени на Законот за Фондот за осигурување на депозити со кои истата институција ќе управува два одделни фонда — Фонд за заштита на депозити и Фонд за решавање банки — и со кои се воведува рок од пет години за подигање на осигурените средства по одземање на дозволата на банка.

Два фонда, различна намена

Според предлог‑измните, постојната институција ќе ја води и ќе ги одделува средствата на Фондот за заштита на депозити, од каде се исплаќаат обесштетувањата на граѓаните, и на Фондот за решавање банки, кој служи за финансирање интервенции при сериозни проблеми во работењето на банка. Владата ги утврди измените на 13 октомври и ги достави до Собранието.

Фондот за решавање банки претходно беше предвиден со посебен закон донесен во 2023 година; со сегашните измени се уредува и начинот на управување и поврзаноста со постојниот Фонд за осигурување на депозити. Парите за решавање, како што е предвидено, ќе се обезбедуваат преку годишни уплати од банките, со можност за дополнителни уплати и други начини на финансирање доколку се појави потреба.

Надлежните институции, а во делот што се однесува на употреба на средствата — Народната банка, ќе може да носат одлуки за мерки како продажба на дел од работењето на проблематична банка, префрлање на одредени средства и обврски во друга банка или други мерки за да продолжат важните банкарски услуги.

Во текстот на предлог‑законот стои: "Средствата на Фондот за решавање банки се користат исклучиво за целите пропишани со Законот за решавање банки . Фондот управува со Фондот за решавање банки во согласност со овој закон, имајќи ги предвид барањата од Законот за решавање банки ."

Клучна промена за граѓаните е воведувањето рок од пет години за подигање на обесштетувањето, сметано од денот на конечноста на решението за одземање на дозволата на банката. Како што пишува во предлог‑измните: "Обврската на Фондот за исплата на обесштетување престанува во рок од пет години од денот на конечноста на решението од членот 4‑а став 2 од овој закон. Неподигнатите средства за обесштетување, со исклучок на средствата кои се со право на наследство, се пренесуваат во средствата на Фондот за заштита на депозити." Тоа значи дека, на пример, депонент кој имал 5.000 евра во пропадната банка ќе има пет години да го подигне обесштетувањето; по тој рок Фондот повеќе нема да има обврска да ги исплати средствата, освен во случаи на наследство.

Според годишниот извештај на Фондот за осигурување на депозити за 2023 година, заклучно со 31 декември 2023 година, кај пропаднатите банки и штедилници останале неплатени вкупно 8,27 милиони евра за 226.192 депоненти. Најголем дел од овие средства се однесуваат на "Еуростандард банка" (околу 5,86 милиони евра за 124.296 депоненти) и на "Македонска банка" (околу 2,27 милиони евра за 96.812 депоненти). Фондот појаснува дека голем дел од неподигнатите обесштетувања кај "Еуростандард банка" се однесуваат на многу мали износи.

Максималниот износ кој се осигурува останува непроменет — до 30.000 евра по лице во една банка. Предложените измени треба да поминат низ собраниската процедура пред да стапат во сила.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи