Почетна
Македонија

Влен до ДУИ: Ако имавте обезбедено пари за булеварот, зошто досега не го изградивте?

Влен ги постави прашањата зошто булеварот не е изграден за 20 години додека ДУИ учествуваше во власта

·Македонија
Влен до ДУИ: Ако имавте обезбедено пари за булеварот, зошто досега не го изградивте?

Владејачката партија Влен денеска одговори на обвинувањата на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) дека средства наменети за изградба на булеварот „Хасан Приштина“ — познат како Качанички пат — биле пренасочени, со што, според ДУИ, автопатската врска Скопје–Блаце останува непотполна.

Во партиското соопштение Влен ја истакна разликата меѓу „раскажување“ и реална изградба на терен: „Влен не раскажува за проекти, туку тие се градат и се гледаат. Додека ДУИ се слика, Влен гради на терен. Се гради автопат кон Гостивар. Се пробива автопатско поврзувањето кон Кичево. Започна да се гради автопатската врска кон Косово. Се гради Коридорот 8“, се вели во соопштението.

Од Влен наведуваат дека додека ДУИ две децении зборувала дека има обезбедено пари и најавувала проекти, реално на терен останале само слики и папки. „ДУИ повторно се фали со својата омилена работа, дека нешто ‘обезбедила‘, а лаже. Цел свет полн со лажни ветувања. На граѓаните им останаа ветувањата, а на партиската елита на ДУИ, привилегиите“, велат од партијата.

„Каде ги чувавте?“

Во реакцијата Влен упати серија прашања до ДУИ: „Каде ги чувавте? Каде стоеја тие пари? Некаде беа скриени? Зошто западниот дел од Македонија две децении остануваше со тесни грла, опасни патишта, недовршени траси и инфраструктура што не одговара на потребите на граѓаните? Додека ДУИ беше незаменлив дел од секоја власт, големите инфраструктурни приказни завршуваа со фотографии и тендерски најави. Западна Македонија чекаше, а приоритетите одеа на други страни. Се градеше за Штип и Гевгелија“, посочуваат од Влен.

Партијата ги наброја проектите кои, според нив, ги разликуваат од претходните политики: булевари во Тетово, инвестиции во новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, булевари и инфраструктура во Струга, како и локални проекти за улици, канализации и водоводи во општините каде живеат Албанците. „Багерите се на терен, а ДУИ е на прес-конференција. Тоа е целата разлика“, наведуваат од Влен.

Во продолжение, партијата нагласи дека декларациите и документите не ги заменуваат асфалтираните патишта: „Пари што стојат на хартија не се автопат. Проект во фиока не е булевар. Ветување на прес-конференција не е инфраструктура. Граѓаните не возат по соопштенијата на ДУИ, туку по патиштата што денес се градат“, посочуваат од Влен и додаваат: „ДУИ остави папки. ВЛЕН остава патишта“.

ДУИ, од своја страна, оцени дека пренасочувањето на средствата за булеварот е доказ дека Влен нема визија и капацитет да го разбере стратешкото значење на проектот. „Сега, наместо овие средства да се искористат за реализација на овој стратешки проект, Влен ги пренасочува кон друг проект во центарот на Скопје. Ова е јасен показател на нивната неспособност да реализираат стратешки проекти, но и за нивното лицемерие во однос на поврзувањето Скопје – Блаце“, велат од ДУИ. ДУИ додадоа дека автопатот Скопје–Блаце бил подготвен во нивната администрација, а според нивната проценка, изградбата е одложена за две и пол години и поскапена за над 30 милиони евра.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи