Почетна
Македонија

Во Аеродром две училишта преминуваат на едносменска настава од септември

Доградба и опремување ги овозможуваат преминувањето на една смена во две училишта на територијата на Општина Аеродром.

·Македонија
Во Аеродром две училишта преминуваат на едносменска настава од септември

Од септември, две основни училишта во општина Аеродром ќе воведат едносменска настава: ООУ „Александар Македонски“ во Реонски центар и ООУ „Димитар Македонски“ во Лисиче.

Во училиштето „Александар Македонски“ во моментов се изведуваат градежни работи за доградба на три нови училници со кои ќе се овозможи едносменска настава. Инвестицијата е поддржана од Министерството за образование и наука во вредност од 2,2 милиони денари, а комплетното уредување на училниците е финансирано од Општина Аеродром.

Денеска градоначалникот Дејан Митески и министерката за образование и наука Весна Јаневска извршија обиколка во училиштето и увид во подготовките за почетокот на новата учебна година.

„Едносменската настава значи подобра организација на наставниот процес, повеќе време за учениците, наставниците и семејствата, но и повеќе можности училиштето да биде место за дополнителни активности, спорт, култура и развој на вештините на децата. Пред сè, тоа значи поквалитетни услови за учење, развој и безгрижно детство. Од 1 септември, и ООУ „Димитар Македонски“ во населба Лисиче воведува едносменска настава и за учениците од 6 до 9 одделение, со што продолжуваме да го унапредуваме образовниот процес и да создаваме подобри услови во училиштата на територијата на Општина Аеродром“, вели градоначалникот.

Митески информираше дека сите училишта во општината интензивно се подготвуваат за стартот на новата учебна година: пристигнати се учебниците за сите ученици и ќе им бидат распределени на првиот училиштен ден, а четвртоодделенците ќе добијат и таблет уреди кои веќе неколку години наназад се обезбедуваат од страна на локалната самоуправа и општинскиот буџет.

Училиштето „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче се доградува и ќе добие нов систем за греење. Министерката Јаневска истакна дека две години се заложуваат за воведување едносменска настава каде што тоа е можно.

„Придобивките се повеќекратни – децата ја започнуваат наставата наутро, кога се повеќе концентрирани за учење. Се задржуваат подолго на училиште и треба да се задржуваат, бидејќи имаа 900 часа помалку од нивните врсници до 15 годишна возраст. Повеќе се социјализираат, што е важно особено за мултиетничките средини и училишта и се заштедуваат средства при работењето на училишните објекти“, рече министерката, додавајќи дека досега концептот го прифатиле над 200 училишта.

Фото: Општина Аеродром

Поврзани написи