Во Битола: „Стив Наумов“ станува првото училиште што ќе ја напушти нафтата за греење
„Стив Наумов“ ќе ја замени нафтата со топлински пумпи и фотоволтаици; општината вели дека во училиштата со обновливи извори се остваруваат околу 17.000 евра годишни заштеди.

Од претстојната грејна сезона, Основното училиште „Стив Наумов“ во Битола ќе ја напушти употребата на нафта за греење и ќе стане првото училиште во градот кое целосно ќе работи без фосилни горива. Директорството и општинските власти велат дека инвестициите ќе придонесат за помалку загадување и пониски трошоци за одржување.
Трансформацијата на објектот се одвива чекор по чекор: беше заменета дограмата, обновена покривната конструкција и поставена е енергетски ефикасна фасада, а во последната фаза се монтираа фотоволтаици и топлински пумпи. Според раководството, новиот систем ќе обезбеди голем дел од потребната електрична енергија и топлина од обновливи извори.
Соларна мрежа и први ефекти
Фотоволтаици веќе има на десет основни и средни училишта во Битола, а нивниот број треба да се зголеми на тринаесет до крајот на годинава. Од Општина Битола велат дека првите пресметки покажуваат опипливи финансиски придобивки.
– После целосната пресметка се заштедуваат околу 17.000 евра на годишно ниво во сите овие објекти во коишто се поставени обновливи извори. Очекуваме сега со топлинските пумпи можеби таа електрична енергија сметките ќе бидат и на исто, бидејќи тие работат на струја, меѓутоа се заштедува на екстра лесно масло за греење, вели Емилија Сарафска, од Општина Битола.
Дел од струјата што ја произведуваат соларните панели на „Стив Наумов“ се користи за потребите на училиштето, а евентуалниот вишок се пласира на слободниот пазар; приходите од продажбата се реинвестираат во училишните активности и проекти. „Фотоволтаиците произведуваат струја, при што дел од произведената електрична енергија се користи за потребите на училиштето, а останатата се пласира на слободниот пазар. Средствата што се остваруваат од нејзината продажба повторно се вложуваат во училиштето, а нашите ученици имаат моност да предложат проекти ,“ вели Никола Пискачев, директор на ОУ „Стив Наумов“.
Битола години наназад е меѓу градовите со најлош квалитет на воздух во државата, особено во зимските месеци; освен индустријата и РЕК Битола, значителен дел од загадувањето доаѓа од домаќинствата и јавните објекти кои користат фосилни горива за греење. Општинските најави за впојување на топлификацијата предвидуваат во првата фаза да бидат приклучени 33 јавни објекти; додека тоа не се случи, намалувањето на загадувањето ќе зависи и од слични проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори.
Фото: прес-материјал од настанот