Во Грција регистрирани 157 случаи на вирусот Западен Нил, починаа 13 лица
Во последната недела се пријавени 47 нови инфекции и четири смртни случаи, со вкупно 157 случаи и 13 починати оваа сезона.

Во Грција оваа сезона се пријавени вкупно 157 домашни случаи на инфекција со вирусот Западен Нил и 13 смртни случаи, откако во изминатата недела беа регистрирани 47 нови случаи и починаа четири лица.
Најмногу случаи во Атика; поинтензивна дезинсекција
Од Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ) соопштија дека сите 13 починати се постари од 65 години, со просечна возраст 82 години (од 66 до 91 година). Од вкупно 157 заразени, 116 имале симптоми поврзани со централниот нервен систем — енцефалитис и/или менингитис и/или акутна парализа — додека кај 41 случај симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.
Од заразените 42 лица биле хоспитализирани, 92 пациенти биле пуштени од болница, а во десет случаи не било потребно лекување.
ЕОДИ истакнува дека епидемиолошкото истражување спроведено во 2010 година покажало дека на еден случај на инфекција со зафатеност на централниот нервен систем отпишуваат околу 140 инфицирани со благи симптоми или без симптоми.
Според официјалните податоци, 104 случаи се регистрирани во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а останатите 46 се во регионот Тесалија, во северна Грција и на Пелопонез; седум случаи се уште се во фаза на епидемиолошко истражување.
Поради зголемениот број случаи во Атика, регионалните власти минатата недела соопштија дека започнале дополнително прскање против комарци и ќе ги зголемат насочените активности за 30 отсто; мерките започнаа минатиот четврток и се очекува да се финализираат утре. Првиот случај за оваа сезона е регистриран на почетокот на јули.
Вирусот Западен Нил, кој го пренесуваат комарците, беше присутен во земјата во летните периоди од 2010 до 2014 година, како и од 2017 година до денес. Најголем број случаи беа во 2018 година — 317 случаи и 51 починат. Лани беа пријавени 96 случаи, а од Западен Нил починаа девет лица.
Фото: прес-материјал од настанот