Во Јордан тројца осудени на смрт за напад врз православна црква во провинција Карак
Судот за државна безбедност ги прогласи виновни за тероризам по нападот од минатиот месец во кој загинаа 9 лица.

Судот за државна безбедност во Јордан ги осуди тројцата мажи на смрт со бесење за вооружениот напад од минатиот месец врз православна црква во провинцијата Карак, при што беа убиени 9 лица, а 25 беа повредени.
Тројцата беа прогласени за виновни за „терористички дејствија со смртни последици“, за поседување оружје и муниција со намера за извршување напад, како и за терористичко здружување и пропагирање идеи на терористичка група. Пресудата може да биде обжалена пред Касациониот суд.
Како се случи нападот
Нападот се случил во селото Хамуд кога вооружени лица влегле во дворот на православната црква „Свети Ѓорѓи“ и отвориле оган врз погребна поворка. Според полицијата, по нападот тројцата осомничени биле уапсени во напуштена куќа во провинцијата Карак каде што се забарикадирале.
Јорданскиот крал Абдула Втори ги посети повредените во болницата во Карак, го осуди нападот и вети дека одговорните ќе бидат најстрого казнети.
Провинцијата Карак има околу 375 илјади жители и голема христијанска заедница. Христијаните сочинуваат околу 3% од вкупно речиси 11 милиони жители на Јордан, од кои мнозинството се сунитски муслимани.
Фото: прес-материјал од настанот


