Почетна
Македонија

Во Музејот на Македонија отворена изложбата „Боите на слободата“

Интердисциплинарна поставка која ги спојува идеалот на Илинден, жртвите од НОБ и референдумот на 8 септември 1991.

·Македонија
Во Музејот на Македонија отворена изложбата „Боите на слободата“

Во Музејот на Македонија денеска, на 8 септември 2026 година, свечено беше отворена изложбата „Боите на слободата“, посветена на 35-годишнината од независноста на државата.

Поставката ја иницираа кустосите од секторите за Историја и за Историја на уметноста: Марија Петковска, Татјана Трајковиќ, Анета Попантоска и Здравко Стојковски, а, според директорот Александар Ристевски, во проектот се вклучиле и други соработници од музејот.

„Иницираа еден интересен интердисциплинарен проект, каде што покриваме доста историски фотографии, артефакти, документи и предмети, заедно со голем дел од најбитните автори на современата македонска уметност, кои ги имаме во колекцијата на музејот“, изјави Александар Ристевски, директор на Музејот на Македонија .

Теми и пораки

Поставката презентира борбената и творечката традиција како трајно наследство на македонската државност и идентитет. Изложбата се базира на три темели: идеалот на Илинден, жртвите во НОБ и волјата на граѓаните за самостојна држава, изразена на референдумот од 8 септември 1991 година. Сликите и скулптурите од првата и втората генерација основоположници на современата македонска ликовна сцена, како и артефактите, носат историска, социјална и естетска порака.

„Овие дела не потсетуваат дека слободата е највредното наследство што го имаме и дека таа секогаш бара да ја чуваме, почитуваме и надградуваме“, изјави Татјана Трајковиќ, кустос во секторот за Историја на уметност во Музејот на Македонија .

„Тие ја пренесуваат енергијата на генерации преродбеници, револуционери, партизани и уметници, кои оставиле неизбришлива трага во изградбата на современиот македонски културен идентитет“, изјави Марија Петковска, кустос во секторот за Историја на уметност во Музејот на Македонија .

Изложбата ќе биде отворена во следните два месеца, период во кој Музејот на Македонија ќе одбележи 50 години од изградбата на објектот во кој што работи денес.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи