Во Шарлероа отворена најголема фабрика за сателити во ЕУ
Фабриката на Аероспејслаб во Шарлероа ќе произведува до 500 сателити годишно и ќе исполни договор за 264 сателити за проектот Ирис².

Европската Унија направи конкретен потег кон создавање сопствена сателитска мрежа што ќе може да му парира на „Старлинк“ на Илон Маск: во белгискиот град Шарлероа вчера беше отворена најголемата фабрика за сателити во ЕУ.
Фабриката припаѓа на белгиската компанија Аероспејслаб и беше свечено отворена од белгискиот крал Филип. Инвестицијата изнесува околу 100 милиони евра, а производствениот комплекс зафаќа 20.000 квадратни метри со капацитет за производство до 500 сателити годишно.
Договор за Ирис² и улогата на фабриката
Во септември компанијата обезбеди договор вреден 2,4 милијарди евра за изработка на 264 од вкупно 348 сателити предвидени во рамките на проектот Ирис². Тоа е клучна цел на Брисел за намалување на зависноста од американската сателитска инфраструктура.
Од компанијата најавуваат значително зголемување на бројот на вработени — од сегашните околу 500 на приближно 1.000 лица. Иако фабриката е свечено отворена, масовното производство сè уште не започнало: вработените треба да се преселат во новиот комплекс во јануари 2027 година, а стартот на производството е планиран до крајот на 2028 година.
Според планот на Европската комисија, 330 сателити ќе бидат поставени во ниска Земјина орбита, а 18 во средна орбита. Првите лансирања се предвидени за 2029 година, а првите услуги за крајот на 2030 година.
Новаата мрежа ќе обезбедува безбедни комуникации за државните институции, безбедносните служби и компаниите, како и пристап до широкопојасен интернет во области со недоволна телекомуникациска инфраструктура. Во проектот учествуваат операторите SES, Eutelsat и Hispasat и голем број компании од европската вселенска индустрија, а иницијативата е дел од планот за технолошка независност на ЕУ на глобалниот пазар на сателитски комуникации.
Фото: Wikipedia/Jmh2o


