Во Тетово продолжи судењето за злоупотребите при изградбата на театарот и библиотеката
Двајца супервештаци го потврдија своето вештачење; судењето продолжува на 4 декември 2026 година.

Во Основниот суд во Тетово продолжи судењето за неправилности при изградбата на новиот театар и библиотека, при што пред судот беа сослушани двајца супервештаци за економскиот и за градежниот дел.
Вештаците го потврдија извештајот
Во економското супервештачење, вештото лице Наташа Лазова изјави дека останува на заклучоците од својот извештај и го образложи делот поврзан со зголемувањето на износот за набавки за 19%, посочувајќи дека со тоа не е надминат законскиот праг од 30% според Законот за јавни набавки.
Во делот од обвинението за затајување ДДВ, Лазова рече дека тие 149 милиони денари ДДВ инвеститорот требало само да ги евидентира, но не и да ги плати бидејќи објектот е во државна сопственост. Таа додаде дека плаќањето е направено дури по две години, откако по контрола од УЈП инвеститорот добил налог да ја изврши уплатата на данокот.
Градежниот вештак Гена Стојановска го образложи своето супервештачење за измените направени во однос на првичниот план за изградба на театарот и библиотеката во Тетово. Таа рече дека поради недостиг на средства Владата побарала ревидирање на проектот, при што биле отстранети два подземни ката и еден кат на кровот од оригиналниот обем на изградба.
На обвинителната клупа се наоѓаат: Сејди Шашивари, сопственик и управител на правното лице од Тетово „Урбан план констракшн“; самото правно лице како второобвинето; Хаки Фазлиу, тогашен директор на Центарот за култура „Иљо Антески‑Смок“; Артан Арслани, претседател на Комисијата за јавни набавки и потоа в. д. директор на Центарот за култура; и Бајрам Муча, главен надзорен инженер во правното лице ангажирано како надзорен орган во периодот 2015–2020.
Според обвинителниот акт, првообвинетиот Шашивари и правното лице се товарат за злоупотреба во постапката за јавни набавки; Фазлиу и Арслани се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување; а Бајрам Муча за несовесно работење во службата. Судот го закажа продолжението на постапката за 4 декември 2026 година, кога обвинението и одбраната ќе ги изнесат завршните зборови.
Фото: СДК.МК)


