Почетна
Македонија

Водно доби моторички парк изработен од стебла на паднати дрвја

На Водно е изграден моторички парк од здравите стебла на паднатите дрвја по невремето, а слични паркови ќе следуваат во Гази Баба и Сарај.

·Македонија
Водно доби моторички парк изработен од стебла на паднати дрвја

Град Скопје претпладнево соопшти дека на Водно е отворен нов моторички парк изработен од здравите стебла на дрвјата што паднаа при силното невреме кое го зафати градот. Паркот нуди природни препреки и реквизити наменети за развивање на рамнотежата, координацијата, агилноста и физичката подготвеност.

Од Градот велат дека паркот е наменет за сите возрасти: децата преку игра ќе работат на моторичките способности, а младите и возрасните ќе добијат дополнителен простор за вежбање, рекреација и квалитетно поминување време среде природа.

Преупотреба на дрвен материјал и планови за проширување

Материјалот за реквизитите дојде од здравите стебла собрани по невремето, со цел дрвото да не заврши како отпад, туку да добие практична и јавна намена. „Здравите стебла од паднатите дрвја добија нов живот и нова намена – денес од нив имаме простор исполнет со движење, енергија и живот“, истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

Градските служби најавуваат дека вакви моторички паркови ќе се градат и во Парк‑шумата Гази Баба и во општина Сарај.

Паралелно со уредувањето, на локациите каде што беа отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници. Од Градот информираат дека голема есенска акција за пошумување ќе започне во втората половина на септември.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи