Војдан Стојановски на чекор до магичната 100-ка во дресот на Македонија
Капитенот ќе го одигра 99. натпревар во Виена; стото појавување се очекува во ноември против Кипар.

Капитенот Војдан Стојановски е на чекор до јубилејниот сто настап за репрезентацијата на Македонија, со што денеска во Виена, при стартот на вториот и најважен претквалификациски циклус за пласман во квалификациите за Европското првенство 2029 година, ќе го одигра својот 99. меч во дресот на националниот тим.
Селекторот Хозе Мариа Берокал ги води избраниците против Австрија — натпревар чија евентуална победа значително би го подобрила патот кон следната фаза. Стојановски веќе важи за рекордер по бројот на настапи, а големата бројка од 100 настапи се очекува да ја прослави на домашен терен во ноември против Кипар.
Професионалец што и се дава на репрезентацијата
Војдан е пример за посветеност и професионален пристап. Неговите зборови за носењето на дресот зборуваат сами за себе: "За мене отсекогаш било чест и задоволство да играм за Македонија. Секогаш со голема гордост го носам националниот дрес и сакам да давам сè од себе за репрезентацијата. Без разлика колку настапи имаш зад себе, секој нов натпревар е посебен и секогаш имаш дополнителна мотивација кога играш за својата земја. Во спортот има тешки моменти, има и моменти кога можеби е најлесно да се откажеш, но кога станува збор за Македонија, секогаш наоѓаш сила да продолжиш. Знам што ни значи овој дрес и ќе се борам до крај, на секој натпревар.", вели Војдан Стојановски.
Првиот повик за сениорскиот тим Стојановски го доби во 2008 година од тогашниот селектор Јовица Арсиќ — искуство кое го носи со посебна емоција: "Мојот прв повик за сениорскиот национален тим беше во 2008 година од тогашниот селектор Јовица Арсиќ, беше остварување на сонот да играм покрај Перо Антиќ, Врбица Стефанов, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски…Навистина преголемо искуство за мене, многу учев од секој тренинг, од однесување до пристап кон тренингот. Секој тренинг за мене беше исто како да играм меч, жарот во тоа време беше таков. Најважно од се бев прифатен добро и никогаш не ми недостасувало нешто", ни изјави тој.
Еден од најсилните моменти во кариерата за Стојановски е настапот на Европското првенство 2011: "Европското првенство во 2011 година е на прво место, се сеќавам баш како да беше вчера од успехот што го постигнавме до сите тие месеци кои ги минавме заедно, бевме како едно семејство. Го паметам секој натпревар, од прв до последен".
За денешниот меч против Австрија, прва средба во втората квалфикациска рунда, тој нагласи јасна цел: победа. Дополни дека не треба да се потценува противникот и дека домашниот терен секогаш го менува текот на работите, дека тимот имал мали проблеми со здравствениот билтен но се подготвил добро, и изрази жал што поради отсуство на Андреј Јакимовски составот не е целосен. Исто така, се надева на гласна поддршка од македонската дијаспора во Австрија, која може да биде од големо значење.
Фото: прес-материјал од настанот